Од колегите-наставници дојде првата поддршка за Иле Михајловски, одделенскиот наставник од Свети Николе кој се пласираше во 50-те финалисти за глобална награда за наставници (Global Teacher Prize). Наградата се доделува по 9. пат на иницијатива на фондацијата Varkey и образовната мрежа Gems education со повеќе од 60 години традиција во соработка со УНЕСКО. Годинава имало повеќе од 5.000 апликанти од 89 земји од светот, а селекцијата ја прават 90 еминентни светски судии.
Деновиве Михајловски добива голема поддршка од националните и локалните телевизии, од пејачката и активистка Ребека Јанковска-Ристески, од локалната самоуправа и од централната власт.
На прашањето од Умно.мк до Министерството за образование и наука, како ги препознаваат наставниците кои вонредно се вложуваат во својата професија и колку овие меѓународни признанија на поединци се мотивација за МОН да се обезбедат подобри услови во севкупното образование во Македонија, тие му честитаа со ставот дека без квалитетни наставници, нема квалитетна настава.
– Затоа ќе се погрижиме во Македонија да има што повеќе квалитетни наставници, мотивирани за создавање на добро подготвени ученички генерации. Програмата за работа предвидува низа активности со кои ќе се поддржи нивниот ангажман, ќе се зајакне економската сигурност и ќе се овозможи континуиран кариерен и професионален развој. На наставникот Михајловски му посакуваме успех на натпреварот и во понатамошната работа. Веруваме дека ќе биде пример за многу други наставници во државата. Неговото искуство вреди да се слушне и интегрира во системот кој ја гради иднината на државата – велат од МОН.
Михајловски е единствениот од Македонија што ја доби номинацијата. Од Балканот се тројца – Михајловски, Андреја Павловиќ, наставник по математика од Смедерево и Данило Ковач, наставник по историја од Бања Лука.
Михајловски е одделенски наставник во школото „Св. Кирил и Методиј“ во Свети Николе. Номинацијата му ја честита матичното училиште и градоначалникот Дејан Владев.
Платформата Global Teacher Prize го опишува Михајловски како посветен наставник од Свети Николе кој е светилник на надеж во образовниот систем кој се соочува со многу системски предизвици.
„Неговиот животен пат, обликуван уште од адолесценцијата како дете без родители и страста за уметноста е обележана со непоколеблива посветеност за поддршка на децата од ранливите категории, поттикнување на инклузивно образование и негување на нова генерација на емпатични глобални граѓани. Иновативните наставни практики на Иле имаат длабоко влијание врз неговите ученици, особено оние од маргинализираните групи“, пишува меѓу другото.
Од Македонија во финалето за наградата во изминатите години била и наставничката Весела Богдановиќ од Битола.
(В.И.И.)





