Сината пилула е тука, на дофат, како и девојката од постерот на „Торонто експрес“. А ние се смееме ли се смееме…

Пишува: Никола Стиков

Има една претстава што игра во МНТ деновиве, се вика „Торонто експрес“. Ретко е на репертоарот, па месец дена однапред купивме карти за 29. март (вторник), денот за кој мислев дека нема ништо да се случи под ова небо железно. Претставата е за Македонец во Канада, па си викам, кој подобро да го опише канадскиот Македонец од Зоран Спасов, кој подобро да го одглуми од Александар Микиќ, и кој подобро да го режира од Јордан Симонов?

Во тој месец откако ги купив картите, светот по којзнае кој пат годинава се преврте на глава. Ковид за момент ја натера Канада да воведе драконски мерки невидени во историјата, војната во Украина за момент го натера светот да заборави на ковид, а Македонија ја победи Италија во фудбал и, судејќи според сите мејлови од канадски пријатели за кои не ни знаев дека знаат што е фудбал, за момент ја засени војната во Украина. Ете на таков 29-ти март јас отидов во МНТ да ја гледам „Торонто експрес“, иако во истиот термин Македонија играше со Португалија за пласман на светско.

„Торонто експрес“ е екранизација на истоимената книга, која пак е апдејт на „Тибам штркот“, симпатично книже на Зоран Спасов-Sоф што плаче за монодрама. Ја читав „Тибам штркот“ баш во годината кога и самиот се преселив во Канада со семејството. Имаше во книжето нешто наивно идеалистичко. Постои таму некаде некоја смешна земја во која сите имаат многу пари и се опседнуваат со најдосадните работи на светот, како чистење снег, сечење трева и вдомување ракуни. Полицијата те казнува за пушење цигари и злоупотреба на спортски риболов, ама те остава на раат кога сакаш да си ги изразиш своите најдлабоки мисли и потреби. Шангри-Ла и Вудсток во едно.

И јас така ја опишував Калифорнија кога се преселив таму во 1997. Какво само олеснување беше да се шлаеш под калифорниски дожд (гарант мислевте дека ќе кажам сонце) и преку мејл да им солиш памет на твоите пријатели кои сè уште се опседнуваат со македонскиот закон за високо образование и мислат дека не си патриот оти не си одел на средношколските протести пред Влада. Во Калифорнија те оставаат да бидеш кој сакаш, никој не гласа и не се замараат со политика.

Фото: МНТ

Веќе во 1998 предводниците на средношколските протести беа во Парламент, пријателите ме пречекаа на аеродром со македонско знаме, а потоа слатко им се смеевме на симпатичните Калифорнијци кои купуваат пица на парче (кој кретен би јадел пица ако не е седнат во „Галија“ на Фуфо) и ги враќаат износените алишта за трговските центри да им ги вратат парите (Македонче одма ќе ги банкротира).

Отприлика вака некако се смееја оние кои на тој 29. март беа во МНТ да го гледаат „Торонто експрес“. Зајдуваа со солзи, урлаа и удираа на седиштето пред себе, пресреќни што го жртвувале првото полувреме од Македонија-Португалија за да се тешат дека само кога некој штрк би ги плопнал негде над Винипег, целиот живот би им бил Брајан Адамс песна.

Сите знаеме дека има нешто терапевтско во тоа да се сеириш на туѓи проблеми, но живеам во Македонија доволно долго за да знам дека тука ние најмногу се сеириме на сопствените проблеми. А кога скопски фраер како Вампир (главниот лик на монодрамата) ќе ни направи контраст со канадските проблеми, тек тогаш чувствуваме некој перверзен микс на супериорност и итарпејовштина што нè прави да скокаме од седиште. Ако еден волку вошлив Вампир добро се снашол во Канада, тогаш Македонија е само смешен глич во матриксот, а сината пилула е тука, на дофат, како и девојката од постерот на „Торонто експрес“.

Јас и сопругата бледо се погледнавме и сфативме дека на оваа претстава ние сме од „синиот“ универзум, оној кој е забавен првите година-две пред да се појават првите гличови. Белким публиката сфаќа дека Вампир е карикатура, скопјанец кој 17 години не се вратил во Македонија, за сега да ве убедува дека канадското лудило нема никаква врска со македонското лудило? Впрочем и целата претстава е пауерпоинт презентација во која Вампир ве убедува дека треба да фатите штикла од Македонија, за тој да може да заработи пари од вас.

Фото: МНТ

Вампир ви кажува дека здравството во Канада е бесплатно, но не ви кажува за врските што треба да ги фатиш оти листата на чекање за скен за магнетна резонанца е цела година; за митото што треба да го дадеш за да добиеш второ мислење (оти приватно здравство не постои); за грешката на докторот заради која во монтреалското метро транспортираш топли епрувети со амнионска течност од твојата сопруга; за пријателот од Монтреал кој го изгубил рамото оти мислеле дека му е изместено кога му било скршено; за тоа дека кога ќе скршиш рака во Скопје, пријателите од Монтреал ќе ти викаат дека си имал среќа да не се повредиш во Канада.

Ви кажува дека во Канада нема невработеност, ама не ви кажува дека вашиот факултет од Македонија не вреди многу, па дека ќе мораш на свои 30 или 40 години да се преквалификуваш, да учиш нов јазик, и веројатно никогаш да не работиш во струката за која си сонувал.

Ви кажува дека во Канада сè е компјутеризирано, ама самиот тој не знае да го вклучи пауерпоинтот кога Виндоус ќе реши да се рестартира во средина на претставата. Добро, овој момент не беше во сценариото, компјутерот стварно спонтано се рестартираше, Микиќ одлично се снајде и без презентацијата, ама остана впечатокот дека Вампир не знае што да прави со компјутер дури и кога цела публика му довикува да го стави на фул скрин! На ФУЛ СКРИН бе Вампир, шо ли ве учат у тоа Канадата, вибам штркот вибам, хахахахахаха!

Фото: МНТ

ОК Вампир, признавам дека моите искуства се за Монтреал, а не за Торонто. А ако Торонто е експрес, тогаш Монтреал е навистина лангзам, најбавниот, но и најзабавниот град во кој сум живеел, тука некаде во мртва трка со Скопје. Ама не е можно да не си доживеал барем дел од моите искуства после 17 години во Канада, нели? Уште мислиш дека Канада не се замара со политика? Дека полицијата казнува само кога мочаш во јавност? Дека комшијата ќе те исцинкари само кога тревата не ти е искосена?

Ја завршуваш твојата смешна монодрама со тоа дека носталгијата е лага, дека Македонците забораваат да си ги подигнат од аеродром пријателите кои 17 години заборавиле да дојдат во Македонија, дека во кафана муабетот е празен, и дека дома не е местото каде што се игра пајдушко, туку онаму каде што ги плаќаш сметките. И знаеш што е страшно? Публиката ти поверува и сега излегува од театар со сертификати од твојата агенција за фаќање штикла од Македонија и сонува за место каде сметките сами се плаќаат. Проверува фудбалски резултат (Португалија води 1:0) и по илјадити пат се убедува дека Македонија секогаш губи.

Штркот продолжува да сее губитници. Вампирот продолжува да цица соништа. А ние се смееме ли се смееме.

Преземено од Кантарот.мк – Наука, култура и ментална фискултура

Насловна фотографија: Pixabay

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.