Македонија ќе произведува огноотпорна мултифункционална војничка униформа со нанопревлаки

Лабораторијата е во вредност до 90.000 евра, а ја финансира програмата НАТО наука за мир и безбедност

Иновативна технологија за огноотпорна мултифункционална војничка униформа, која ќе штити од микроорганизми и УВ-зрачење, а преку промена на боја ќе детектира нервни гасови ќе се развива во новата Лабораторија за напредни и одржливи материјали која вчера беше отворена на Технолошко-металуршкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Лабораторијата е во вредност до 90.000 евра, а се отвори во рамките на проектот „Нанопревлаки за добивање повеќезаштитни текстилни материјали за војничка униформа“ кои го реализираат стручни тимови од скопскиот ТМФ, Технолошко-металуршкиот факултет во Белград и Тексас А&М Универзитетот во САД, а го финансира програмата НАТО наука за мир и безбедност.

Според проф. д–р Игор Јорданов, носител на проектот, иновативната технологија е всушност новата слој-по-слој техника за нанесување нанопревлаки на површината на материјалите со користење на хемикалии од обновливи извори.

– Овие нанопревлаки овозможуваат да се постигнат бараните својства, а униформата да биде лесна и да ги задржи своите комфорни својства. Посебно сум горд што нашата лабораторија е единствена специјализирана за огноотпорни материјали во Југоисточна Европа и што можеме да вклучиме млади истражувачи – рече Јорданов.

Тимот работи веќе 3 години работи на проектот кој е во завршна фаза. За неколку месеци се очекува да биде изработен и првиот прототип на новата мултифункционална војничка униформа.

На свеченото отворање на лабораторијата присуствуваше Владимир Анчев, државен секретар во Министерството за одбрана, ресор кој ќе биде еден од крајните корисници на резултатот од овој проект. Деканот на ТМФ, проф. д-р Стефан Кувенџиев е задоволен што проектот ќе ја зајакне врската меѓу институцијата со домашната индустрија и со научната заедница во регионот.

– Среќен сум што во семејството на лаборатории на ТМФ добиваме уште една нова и модерна лабораторија која ќе биде од интерес на сите во Македонија. Истражувањето и проектот ќе придонесат да се зголеми капацитетот на институцијата за соработка со домашната индустрија, спроведување на применети проекти и развој на соодветни услови за развој на млади кадри – рече Кувенџиев.

На настанот присуствуваше и професорот Џејми Грунлан од Универзитетот Тексас А&M, кој кажа дека оваа истражувачка инфраструктура е основа да продолжи соработката меѓу двата универзитета. Лабораторијата ќе се користи за тестирање на огноотпорни, антимикробни, УВ-заштитни и индикативни својства на различни материјали.

Сподели