Македонија ја напуштаат повеќе од половина најталентирани ученици по хемија

Сојузот на хемичари и технолози на Македонија на најдобрите млади хемичари во петокот им додели признанија за постигнатите успеси

Повеќе од половина од најталентираните ученици по хемија ја напуштаат Македонија и заминуваат да студираат во странство, покажува анализата на Сојузот на хемичари и технолози на Македонија (СХТМ). Оваа асоцијација во која членуваат многу наставници и професори од сите вертикали на образованието ги организира натпреварите во земјава, а во последните шест години ги подготвуваат таленираните ученици за светски натпревари. Во петокот, во дворот пред Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, СХТМ на најдобрите млади хемичари им додели признанија за постигнатите успеси. Годинава и лани тие освоија три бронзени медали за Македонија.

Д-р Миха Буклески, вонреден професор на Институтот за хемија и член на СХТМ рече дека годинава математичарите остварија фантастични резултати на Меѓународната олимпијада по математика (ИМО) со еден сребрен и два бронзени медала, физичарите и информатичарите не освоија медал, но стекнаа големо искуство.

Македонскиот олимписки тим годинава

– Мора да ги имаме предвид и условите за подоготовка во пандемија. Сиот товар падна на натпреварувачите – рече Буклески.

И годинава сите натпревари се одржуваа онлајн. Буклески се фокусира на достигнувањата по хемија. Македонија учествува на Меѓународната олимпијада по хемија IchO од 2013 година, но како референтна ја зема 2015 откако СХТМ го презеде организирањето на подготовките.

Учествуваме на две меѓународни оломпијади – „Менделеев“ и на Меѓународната олимпијада по хемија IchO. Лани Александар Трајковски, матурант од Демир Хисар освои бронза на двете. На „Менделеев“ порано учествуваа само натпреварувачи од СССР, но по распаѓањето стана меѓународен натпревар. На оваа олимпијада учествуваат помалку земји, но е значително потешка од IchO. Матурантот Дарко Стојчев годинава освои бронзен медал на IchO објасни Буклески.

Покрај Трајковски и Стојчев, признанија добија и Михаил Трајков, Константин Трифуновски, Ања Спасовска и најмладиот меѓу нив, Јан Стојановски.

– Симболично да ги наградиме најдобрите македонски ученици по хемија. Ова да ни биде поттик да организираме Македонска олимпијада по хемија, на која ќе се избираат најдобрите ученици што ќе нè претставуваат на меѓународни олимпијади – рече Буклески.

Тој ги сумираше искуствата од учествата на меѓународните натпревари во последните две години. За успесите, потребен е голем ангажман и од наставниците и од учениците. Јапонија годинава беше домаќин на олимпијадата, иако се oдржа онлајн. Во рамките на натпреварот предавање одржа Акира Јошино, еден од тројцата добитници на Нобелова награда за хемија за 2019 година. Лани, на олимпијадата во Турција предaвање одржал хемичарот Азиз Санџар, нобеловец за 2015 година.

Менторот Миха Буклески (десно) ги презентира резултатите /  Фото: Умно.мк

– Сево ова е многу инспиративно и за учениците и за менторите. Нам како ментори, најважно ни е овие талентирани ученици да ги задржиме тука, да го продолжат образованието на Инстититот за хемија. Некогаш ни успева, некогаш не. Од сите олимпијци кај нас продолжија да студираат Елена Стефова, Антонио Андоновски, Руфија Идризовска и Михаил Трајков. Во Македонија останале и други, но одлучиле на продолжат на ФИНКИ, Медицински факултет и слично. Другите заминуваат – вели Буклески.

Тој претстави интересна статистика. Помалку од 50 отсто од олимпијците по хемија остануваат во Македонија, поголем дел одат во странство. Од вкупниот број, повеќе од 55 отсто продолжуваат да студираат хемија. Од нив, под 20 отсто студираат хемија во земјава, а над 35 отсто продолжуваат со хемија, но во странство.

– Се надевам дека голем број од нив ќе се вратат во Македонија да го пренесат стекнатото искуство – рече Буклески.

Благодарници добија наставници од средно образование, директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски, градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски. Буклески ги спомна и менторите, кои покрај него учествуваат во подготовките на учениците за овие натпревари: Наташа Ристовска, Јасмина Петреска-Станоева, Билјана Пејова, Слоботка Алексовска, Владимир Петрушевски, Марина Стефова, Љупчо Пејов, Леон Стојанов, Зоран Здравковски и подмладокот на Институтот за хемија.

Сподели