Македонија има научно списание со кое треба да се гордееме

На овој начин научната мисла од областа на хемијата и хемиската технологија од Македонија, а преку неа и култура и идентитет, се промовира секаде во светот, вели проф. д-р Зоран Здравковски

Пред педесет години, во едно многу поинакво општество од денешново, Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија го формираше Македонското списание за хемија и хемиско инженерство (MJCCE). Создадено како платформа за презентирање на научните сознанија, списанието поминало многу премрежиња во своето постоење, но до денес остана едно од трите научни списанија со фактор на влијание од Македонија. „На овој начин научната мисла од областа на хемијата и хемиската технологија од Македонија, а преку неа и култура и идентитет, се промовира секаде во светот и со тоа треба да се гордееме“, вели актуелниот главен и одговорен уредник на списанието, проф. д-р Зоран Здравковски, професор во пензија на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, актуелен претседател на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија. Златниот јубилеј ќе биде одбележан утре во 12 часот во Македонската академија на науките и уметностите кога ќе биде промовиран и најновиот број на списанието.

Проф. д-р Зоран Здравковски

Македонското списание за хемија и хемиско инженерство (MJCCE) одбележува златен јубилеј. Како во неколку реченици би го дефинирале значењето на ова научно списание за македонската наука?

– Оваа година Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје слави 75 години од основањето, додека нашето списание 50 години од излегувањето на првиот број. Двата јубилеја се тесно поврзани: УКИМ е зачетник и јадрото на научните истражувања во нашата земја, додека Институтот за хемија при ПМФ, долго време беше нејзина најпродуктивна членка, според бројот и квалитетот на објавените научни трудови. Следејќи ја праксата и искуството од другите научни центри во Југославија, како и во светот, Институтот за хемија и Технолошко-металуршкиот факултет, обединети во Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија создадоа заедничка платформа за презентирање на научните сознанија. Научни и стручни списанија се образуваа и на други факултети и институти, но основната разлика кај MJCCE е што го одржа континуитетот и стремежот да се подобрува квалитетот. На овој начин научната мисла од областа на хемијата и хемиската технологија од Македонија, а преку неа и култура и идентитет, се промовира секаде во светот и со тоа треба да се гордееме.

Списанието опфаќа еден долг распон, околу 20 години во поранешна Југославија и триесетина години во независна Македонија. Кои се најголемите разлики во функционирањето/издавањето на списанието во овие два периода?

– Ова е навистина долг период во кој се случија суштински промени. Што се однесува до разликите во едниот и другиот систем, основната разлика е односот на државата кон високото образование и кон науката. Во поранешна Југославија кога бевме во заедница со поразвиени од нас, тие наметнуваа критериуми што доведоа до огромен напредок во овие две области кај нас. Така, и покрај големиот број недостатоци, финансирањето на науката беше главно регулирано, со тоа и финансирањето на издавање на списанија. По осамостојувањето, државата полека почна да ја занемарува оваа област, да донесува ad hoc одлуки и да го третира научното истражување како непотребен луксуз; високото образование и науката беа оставени да се „снаоѓаат“.

Во овој период, дојде и до една друга позначајна глобална промена. Почна да се промовира начелото научниците и истражувањата да се вреднуваат по некои објективни критериуми. Еден од логичните параметри беше и објавените научни трудови. Но, тоа делумно прерасна во своја спротивност што најдобро се илустрира со синтагмата publish or perish (ако не објавуваш, ќе те снема). Објавувањето стана цел за себе, а не вистински порив за проширување на знаењето. Така, рутински анализи стануваат научни трудови, една студија се дели во повеќе трудови или истата се рециклира. Дојде до експлозија на научни трудови и на списанија. За илустрација и да им е појасно на читателите, сите ја знаеме анегдотата како Њутн наводно дошол до идејата за гравитацијата седејќи под јаболкница. Сега карикирано кажано, некои „откриваат“ дека истиот феномен се случува и под круша, кајсија, портокал… Овој тренд го искористија и го потхрануваат издавачите на научни списанија, кои остваруваат огромни профити со многу малку вложувања на сметка на туѓ труд. Меѓутоа, најопасни се бескрупулозните поединци и групи на т.н. predatory journals (предаторски списанија) кои апсолутно не ги интересира квалитетот на поднесените трудови и по брза постапка, за одредена цена, објавуваат и најголеми глупости. Од друга страна, MJCCE спаѓа во т.н. списанија со дијамантски отворен пристап, ние ги покриваме сите трошоци околу објавувањето (англиска лектура во Англија, техничка подготовка, коректура, одржување на веб платформата итн.), а пристапот до трудовите е бесплатен.

Какви измени претрпе списанието низ годините? Што донесе новото, дигитално време?

– Овие 50 години покриваат период на темелни и револуционерни промени во подготвувањето, печатењето и издавањето не само на научните списанија туку воопшто на сите публикации. Првите броеви на списанието се печатени практично со гутенберговска техника, редење на букви од олово, буква по буква, користење на печатарска машина за да се добијат „шпалти“, а потоа макотрпно коригирање на грешките. Да не зборуваме за хемиските формули и графиконите, додека илустрациите во боја беа сосема друг проблем. Денеска тоа звучи неверојатно затоа што практично секој дома има печатница со многукратно поголеми можности од тоа време. Штета е што генерации родени со компјутери, тоа многу малку го ценат. Мене многу ми пречи што на многумина им е тешко, на пример, во комуникација на македонски да сменат од латиница во кирилица, а не пак да користат надредени знаци итн. на своите компјутери или паметни телефони.

Дополнително, интернетот донесе и едноставен и брз начин за комуникација на авторите и уредниците, а тие со рецензентите и дисеминација на трудовите. Порано списанието, откако ќе се отпечатеше, мораше да го праќаме по пошта што беше и голем трошок и требаше време да стигне до читателите. Денес тоа се прави, како што еве и вие во „Умно“ го правите, на интернет, така да трудовите се моментално достапни на секоја точка каде што има интернет.

Новата технологија донесе и нови предизвици, но и начини како да се бориме и справиме со нив, особено во поглед на плагијатите на научни трудови. Какво е вашето искуство?

– Секое време и технологија си носи свои проблеми кои нечесните сакаат да ги искористат. Искрено, мислам дека плагијатите во ова време на широка достапност на трудовите на интернет, полесно се откриваат. Уредниците редовно проверуваат дали авторите имаат слични трудови или само-плагијати. И сме откриле повеќе такви случаи. Преземањето на резултати и идеи од други автори секогаш се подложни на временска проверка – во крајна линија авторите се одговорни за она што потпишале дека е нивно, макар тоа да се открие и по повеќе години.

Мене, како уредник многу повеќе ме загрижува проблемот со генерирани податоци што не е едноставно да се откријат. Вештачката интелигенција веќе се користи во некои области како што е кристалографијата за проверка дали податоците се веродостојни. Меѓутоа, достапноста на големите јазични модели кои се сè пософистицирани, отвора нови можности и за оние кои на нечесен начин сакаат да ја зголемат својата научна активност.

Друг проблем што го донесе интернетот, со кој се судривме, беше и хакерски напад на нашата веб-страница пред многу години. Случајот го пријавивме во МВР, но никогаш не добивме повратна информација кој/како/зошто го извршил. Презедовме мерки, преку лични контакти со безбедносните компјутерски служби на „Телеком“ да ни помогнат да го намалиме ризикот од повторување на напади.

Чинам MJCCE е списание со највисок импакт фактор во Македонија. Зошто е ова значајно?

– Факторот на влијание во крајна линија го одразува стандардот на списанието и уредувачката политика. За нас тоа е корисно затоа што факторот на влијание привлекува многу автори да поднесуваат трудови, така да не може да се пожалиме од бројот на поднесени трудови како што тоа беше порано. Дури сега одбиваме повеќе од 80 отсто од поднесените трудови заради она што претходно го кажав, околу отсуство на вистински нови сознанија или лошо организирани и јасно напишани трудови. И покрај тоа, јас лично не сум задоволен од квалитетот на објавените трудови. Многу е тешко да се привлечат автори и групи кои се во врвот на науката, дури и од наши блиски колеги кои сега се на престижни научни институции во светот.

Инаку мене ми е многу жал што во Македонија нема повеќе списанија со фактор на влијание. Мислам дека се вкупно три. Јас сум се трудел на многумина да им помогнам околу техничките аспекти, како што е користење на уредувачки е-платформи, но клучот е во уредувачката политика, истрајноста, како и поставеноста и финансирањето.

Да се навратам на поразвиените од нас, Хрватска и Словенија имаат многу јасни модели за финансирање на научни списанија и затоа нивниот број со фактор на влијание е многу голем. Не може да се направи стратегија кога секој министер си има своја замисла, ако воопшто ја има, и секој почнува одново.

Како што реков, кај нас се формирани многу списанија како нашето, пред сè од ентузијазам, но тој или делумно се изгубил или целосно згаснал. Затоа сакам да истакнам дека во нашиот случај, благодарение на низа извонредни главни уредници, сите на свој начин го унапредиле квалитетот на списанието. Овие се вистинските великани: Бојан Шоптрајанов, Светомир Хаџи Јорданов, Глигор Јовановски, Маја Цветковска, Трајче Стафилов и Елеонора Винкелхаузен. Намерно не ги ставам нивните титули и дека се универзитетски професори, а двајца и академици, затоа што тоа во последно време е толку срамно девалвирано. А сите се универзитетски професори во вистинското значење на зборот, со широки познавања и култура, со интегритет, со визија и со искрена желба за пренесување на знаењето. Секој од нив при предавањето на уредничката штафетна палка вградил и направил нешто да го предаде списанието во подобра состојба од што го примил. Сите, вклучувајќи ги и секциските уредници, работеле на доброволна основа за да се постигне овој голем успех.

На крај, да изразам и благодарност до многумина кои свесни за општественото значење на оваа публикација и она што заеднички го правиме, да ни помогнат во нашиот развој и раст.

Сподели