Македонија, Грција и Албанија конечно заедно ќе се грижат за Преспа

Во Информативниот центар Пили крај брегот на Малото езеро во Грција, денес се одржува иницијален состанок на претставници на трите земји на кои се простира Преспа и Преспанското Езеро – Македонија, Албанија и Грција. Од Македонското еколошко друштво велат дека ова е историски ден за Преспа. Тие заедно со општината Ресен и Националниот парк „Галичица“ соработуваат повеќе од 20 години и ја поддржуваат работата за формална прекугранична соработка и покрај често затегнатите политички услови. Договорот беше потпишан на 2 февруари 2010 година од страна на министрите за животна средина на трите земји и комесарот за животната средина на ЕУ, но Грција го одложуваше ратификувањето во последниве 7 години.
– Конечно и формално започнува заедничката работа на сите три држави кои го делат езерото и ЕУ за зачувување и унапредување на регионот. За време на состанокот за прв пат по стапувањето на сила на Меѓународниот договор за заштита и одржлив развој на паркот Преспа ќе се сретнат претставници од Европската Комисија, трите земји кои го делат Езерото, локални власти, невладини организации и управувачките тела за заштитените подрачја. Денеска ја споделуваме радоста со нашите колеги од Грција и Албанија, а најмногу со населението од Преспа кое конечно ќе може да се потпре на заедничко меѓународно тело да донесува издржани одлуки за одржливата иднина на регионот. Комитетот за управување со паркот Преспа е тековна, постојана шема за заедничко донесување на одлуки. Иако овој состанок на комитетот е историска прилика достојна за славење сама по себе, таа е само прв чекор на патот кон значајна соработка во регионот и целта да се зачуваат богатите природни ресурси и да се обезбеди одржлив развој за идните генерации – велат од МЕД.