Македонија годинава нема да има филм-кандодат за наградата „Оскар“ зашто ниеден филм не ги исполнува стандардите, соопшти вчера Друштвото на филмските работници на Македонија.
– Не се сервисираат проектите кои се во развој, во продукција или се завршени. Нема нови проекти, прекинати се или се загрозени речиси сите регионални и меѓународни соработки. Нема филм кој ги исполнува прилично едноставните услови пропишани од Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука – пишуваат ДФРМ во соопштението.
Тие додаваат дека долго време ги предупредувале министрите за култура дека паушалното и безумно кратење на буџетот за филм ќе се одрази на проектите во годините што доаѓаат.
– Погубните деструктивни политики, мотивирани од незнаење, поточно елементарно непознавање на филмската дејност и реваншизмот кон оние кои со години се борат за подобри услови за производство на филм, ја доведоа македонската кинематографија до колопас – велат од ДФРМ.
Според нив, досегашните министри воделе негативна кампања против Друштвото, поднесувани се анонимни пријави против нив затоа што „ДФРМ и фелата отворено и недвосмислено станаа против добивање на државни средства на сметка пред завршување на конкурсните процедури пропишани со закон, против испумпување милионски суми пари на сопствени сметки надвор од земјава за наводен равој или промоција како и против неколегијалното однесување, саможивноста и алчноста“.
ДФРМ бара од министерот Зоран Љутков да ја откочи „зарибаната“ филмска машина и да им овозможи на авторите и филмските работниците да снимаат, а македонските филмови да одат напред. Да ги расчисти сите дилеми присутни во јавноста и да воспостави принципи на либералност, транспарентност и еднаквост, како елементарен предуслов на секоја демократска држава и секоја современа кинематографија.
Фото: Сцена од филмот „Медена земја“, македонски кандодат за „Оскар“