„Македокс“ објави повик за автори со креативни документарни проекти

Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ отвори повик за автори со креативни документарни проекти за учество на Форумот „МакеКоПроДокс2024“.Форумот пречекува претставници од регионалните филмски центри, професионалци за документарен филм и 10 проекти кои се во различни фази на продукција. Шестото издание на форумот ќе се одржи ма 15. издание на „Македокс“ од 19 до 21 август во Скопје.

Може да аплизираат продуценти/автори на документарни филмови продуцирани, копродуцирани или снимени на Балканот (Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција).

– Приказната да биде снимена во регионот. Главни критериуми за аплицирање: да е долгометражен креативен документарен филм; да е во фаза на развој, продукција или постпродукција; да е снимен, продуциран или копродуциран во регионот – велат од „Македокс“.

Пријавувањето се врши во електронска форма преку пополнување на формуларот, а рокот за пријавување е 15 јуни. Предвидени се онлајн менторски сесии во јули и август, а пичинг сесиите и еден-на-еден состаноци ќе с еодржат во Скопје додека трае фестивалот.

Сите сесии ќе се изведуваат на англиски јазик. Авторите на избраните проекти ќе треба да отпатуваат до Скопје за да го претстават својот проект. Резултатите ќе бидат објавени не подоцна од 20 јули.

Сподели