Времеплов низ македонската музика – „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“

На платото на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 22 мај во 20 часот ќе се одржи концертот „Мајска сесија – Дојди да се преслушаме“. На ова автентично музичко патување низ историјата на домашната рок и поп-антологија, старите познати рефрени ќе бидат изведени од актуелните изведувачи „Фанк шуи“, „Пијан Славеј“, Дина Јашари, диџеј Гоце и ЛД Пистолеро, Sethsat со Марија Каева и „Ретро кабаре“, кои ќе свират свои аранжмани на песните, како одговор на едно друго време. Концертот е најавен како севкупно мултимедијално искуство, низ кое како домаќин публиката ќе ја води познатиот радиоводител Драган Б. Костиќ. Освен музичкиот спој на старото и новото во формат на „радиошоу во живо“, за публиката ќе бидат достапни и други содржини на платото на УКИМ – мини-саем на книги, поп-ап продавница за винили и др.

Концертот го организира Јуроп хаус Скопје по повод Денот на Европа во чии рамки се одржуваат низа настани во целата земја. Сите други европски куќи во земјава ќе бидат домаќини на богати културни настани, не само во своите градови туку и пошироко во регионот. Во Битола, програмата под мотото „Ние сме тука, кај си ти?“ почна на 9 мај со осветлување на Саат-кулата, а ќе заврши на 18 мај со изложба и настап на грчкиот диџеј Архитект во Пациото на Музејот во Битола. Во Струга, на 30 мај под мотото „Слушај природа!“ се планира целодневна програма што вклучува откривање на нов мурал во градот, проследено со музичко-светлосен перформанс во струшкиот Парк на поезијата. Во организација на Јуроп хаус Крива Паланка, настани се планираат и во Кратово и Куманово, а главните активности ќе се случуваат на 20 мај со цртање мурал во пиксел формат „Прозорот на единството“, како и концерт на групата „Фолтин“. На 28 мај, Јуроп хаус Струмица ќе го претстави биодиверзитетот на регионот преку изложба во Дојран, а на 30 мај во Гевгелија планиран е и „Концерт рок-симфонија“ во изведба на Битолскиот камерен оркестар. Јуроп хаус Велес е домаќин на интересен настан на 27 мај, кога ќе се промовираат локални винарници од вардарскиот регион и вина на земји-членки на Европската унија, нудејќи дегустации, жива музика и промоција на традициите и иновациите во семејни винарници.

Подетални информации за сите настани можат да се најдат на официјалните социјални канали на Јуроп хаус.

Сподели