Мајкл Георгиевски – олимпиецот од Кавадарци што доби стипендија на престижниот МИТ во САД

Неговата приказна продолжува таму каде што почнала – во САД, каде што е роден и живеел до една година кога родителите решиле да се вратат во Македонија

Мајкл Георгиевски, матурантот од Кавадарци кој последниве години растура на олимпијади и меѓународни натпревари по физика доби стипендија на еден од најпрестижните факултети во Соединетите Американски Држави – МИТ (Институтот за технологија во Масачусетс). Вели дека неговата приказна продолжува таму каде што почнала – во САД каде што е роден и живеел до една година кога родителите решиле да се вратат во Македонија. Со Георгиевски, кој матурираше во гимназијата „Добри Даскалов“, разговараме за неговите успеси и соништа како еден од најнадежните млади умови во нашата земја.

Мајкл Георгиевски

– Почнав да се интересирам за науката од најмала возраст. Уште кога научив да читам, читав разни енциклопедии и книги со едукативна содржина. Со математиката почнав да се дружам дури и пред да започнам да одам на училиште, а почнав да се натпреварувам во четврто одделение. Со математиката навлегов и во физиката, и покрај натпреварите по математика, уште кога почнав да го изучувам предметот физика во осмо одделение учествував и на државен натпревар, каде освоив прво место. Мојот интерес премина и кон хемијата и биологијата со моето учество на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки. Би рекол дека интересот сум го имал уште како дете, а со текот на времето сум го проширувал во нови области.

Кога почна поголемиот интерес за физиката како наука?

– Физиката во најголема мера е користење на математички апарат во комбинација со интуиција за физичките процеси за да се претстави реалноста и законитостите кои ја одредуваат. Отсекогаш ме интерисирало како функцуинираат работите и појавите околу мене. Кога се запознав со физиката веќе бев доста добар математичар, па затоа веднаш физиката ми го привлече вниманието. Со моето учество на олимпијадите по физика за средно образование веќе целосно се посветив на физиката.

Од кого добивавте најголема поддршка во надградувањето на знаењата? Едноставно ли е за еден основец и средношколец да функционира во образовен систем во кој како талентиран ученик имате потреба за пошироки познавања?

– Кога некој има достигнато многу повисоко ниво од образовниот систем, тешко е да се очекува напредок од таму. За жал, наместо талентираните ученици да бидат поттикнати да го искористат својот талент и преку работа да станат уште подобри, мислам дека нашето образование има дури и негативен ефект, бидејќи особено природните науки се гледани како тешки, здодевни и бескорисни. Овој наратив прави голем број ученици да изгубат мотивација. Јас лично голем дел од надградувањето на моето знаење го правам сам.

Со сребрениот медал на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки во 2019

Секако, на самите почетоци, најголема поддршка имав од мојата фамилија, но секогаш кога треба да учествуваме на некоја олимпијада по физика, имаме редовни подготовки (теорија и експерименти) со професорите и асистентите од Друштвото на физизичари од Институтот по Физика на ПМФ, кои се задолжени за припреми на олимпијци, т.е. по планот подготвен од претседателот на ДФРМ, проф. д-р Ламбе Барандовски.

Кој дел од физиката ви е најголем предизвик и зошто?

– Физиката е интересна бидејќи иако различните нејзини делови може некогаш да изгледаат независни, сепак се поврзани. На пример, законите од механиката се користат во термодинамичките процеси; квантната физика и релативистичката физика навидум се различни режими, но сепак постои теорија која ги обединува и двете теории се валидни истовремено (квантна теорија на полиња).

Подготовки за натпреварите годинава

Според мене, тоа ја дава убавината во физиката и тие проблематики ми се најинтересни. Врз основа на ова, има смисла зошто најмногу ме интересира модерната физика која се труди да ги комбинира различните области од физиката, како Теоријата за унифицирано поле, односно теорија за сè.

Низ годиниве постојано сте присутен на државните и на меѓународните натпревари по природни науки и физика. Какви сè медали сте освоиле досега, која натпревар го памтите како најтежок, а кој ви причинил најголемо задоволство?

– Покрај државните натпревари во средното образование каде имам постигнато врвни резултати, сум бил државен првак по математика, физика и информатика, имам учествувано и на десетина меѓународни олимпијади, и тоа:

• 2 пати на Интернационалната јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO), каде имам освоено сребрен медал;
• 2 пати на Балканската олимијада по физика (BPO), каде имам освоено пофалница и сребрен медал;
• 2 пати на Европската олимпијада по физика (EuPhO), каде имам освоено пофалница;
• 2 пати на Меѓународната олимпијада по физика (IPhO), каде имам освоено две пофалници;
• и неколку математички олимпијади (IGO, Mediterranean Mathematics Olympiad ..) со бронзен и сребрен медал.

Со тимот на ISJO во Доха, Катар

И оваа година учествував на Европската олимпијада по физика во Хановер, Германија каде освоив сребрен медал, а се поготвувам и за Меѓународната олимпијада по физика што во јули ќе се одржи во Токио, Јапонија. Најголемо задоволство ми причини сребрениот медал кој го освоив на IJSO во 2019 во Доха, Катар, бидејќи тоа беше првиот мој медал на меѓународна олимпијада. Според мене најтешка олимпијада на која сум учествувал од овие е Европската олимпијада по физика, која иако е поограничена во однос на земји учесници, заради типот на задачите е мошне тешка. А да напоменам дека покрај решавање задачи, олимпијадите се состојат и од решавање на екперимент во посебен ден од натпреварот.

Продолжувате на МИТ во САД, каде добивте целосна стипендија. Дали некогаш размислувавте студиите да ги продолжите во Македонија?

– Па, доколку не успееше мојот план да се запишам на врвен универзитет во САД или Европа, ќе студирав во Македонија. Во академска смисла, тука образованието не заостанува во однос на другите земји, но сепак огромен проблем е минималното финансирање на факултетите од страна на државата, како и малиот интерес кај студентите.

Европска олимпијада по физика 2022

Кои беа најголемите предизвици во процесот на аплицирање на МИТ? Дали досегашните дипломи и медали ви помогнаа низ процесот?

– Процесот за аплицирање на МИТ, како и за другите врвни универзитети, бара добро разбирање за барањата кои универзитетот ги има за апликантот. Дипломите и медалите не се толку значајани за апликацијата колку што мислев. Сепак, тие вредат околу 20 отсто од апликацијата. Останатиот дел е приложување на оцени, полагање на тестот за англиски јазик TOEFL и тестот SAT за англиски и математика. Најважно од сè е добро и конкретно да се одговори на поставените есејски прашања во апликацијата. МИТ бара личности кои покрај академски се и социјално активни и имаат добри морални вредности, се сестрано развиени личности. Важно е ученикот да може да се вклопи и придонесе кон заедницата на МИТ. Тие поддржуваат етничка разновидност и соработка наспроти компетитивност.

Доделување дипломи на ПМФ

Зошто токму МИТ, и на што планирате да се насочите во студиите?

– МИТ е најдобрата можна опција за мене, бидејќи тоа е најдобриот технички универзитет, рангиран број еден по физика и програмирање во светот. Планирам да студирам нешто во областа на физика што користи програмирање, како на пример машинско учење/вештачка интелегенција.

Како еден од талентите во Македонија, каде би сакале да се видите себеси за десетина години?

– За ова сè уште немам добро размислено, а и истото зависи од текот на моите студии на МИТ. Може да ми се отворат различни можности со кои не сум ни запознаен. Како и да е, најверојатно ќе се занимавам со развој на физиката и технологијата.

Сподели