Маја Наумовска-Савеска, Халкбанк: Позитивните емоции на луѓето што се дел од нашите проекти се најважни за нас

Ќе продолжиме да ги надградуваме нашите платформи за општествена одговорност: Халкеко, Халки и Чуварите на мудроста. Верувам дека ќе имаме уште повеќе и уште поголем импакт на сите полиња на кои овие платформи функционираат – животната средина, децата, културата, нивната едукација и повозрасните.

Нашиот бренд веќе традиционално, своите светла ги насочува кон луѓето и ги истакнува преку својата комуникација пред јавноста. Веруваме дека на ваков начин ја даваме заслужената важност на лицата, на децата кои се насекаде меѓу нас, а кои се позитивен пример за следење. Оваа година тоа го направивме и преку „Идолите на Халки“. Заедно со вас, Умно.мк, споделивме навистина прекрасни приказни на мали, а големи деца од нашата земја кои служат за инспирација и мотивација – вели Маја Наумовска-Савеска, одговорна за односи со јавноста на Халкбанк АД Скопје.

Со неа разговараме за бројните успешни проекти што вредниот тим на Халкбанк ги работеше годинава, наменети токму за луѓето и нивните приказни, зашто тоа е важно.

„Халкбанк“ имаше исклучителна година, кога станува збор за проекти со општествено-одговорен предзнак. Каква ви беше 2022 година?

– И оваа година може да кажам дека ќе ја заокружиме задоволни во однос на тоа колку постигнавме да реализираме од проекти и кампањи кои креираа додадена вредност за средината и општеството во кои делуваме. Она што навистина нè радува е дека ваквите проекти преку кои брендот се презентира и дава свој придонес за луѓето во земјата, стануваат сè поголема пракса во нашата работа. Меѓу сите тие кампањи кои годинава ги реализиравме со цел да ја информираме нашата клиентела за производите, услугите и новините кои ги нудиме за нив, успеавме да спроведеме и бројни проекти кои немаат продажна цел, туку служат за кревање на свеста, за едукација, но и за имплементација на корисни дела за целата јавност и за државата. Работевме на поле на екологија и заштита на животната средина, па во рамки на тој дел реализиравме нови пошумувања, нови екоинсталации низ земјата, направивме екоколаборации и организиравме и поддржавме бројни спортски настани.

Маја Наумовска-Савеска

За платформата „Халкеко“, чест ни е што оваа година добивме и значајно признание од Министерството за економија за најдобра општествено-одговорна пракса за заштита на животната средина во Македонија.
Работевме и на едукација и на низа проекти за уметничко, друштвено и културно развивање кај најмалите преку нашата Халки-платформа. На ова поле, годинава ја направивме и отворивме и првата училница на отворено во Зоолошката градина, а се стекнавме и со вредна награда од Македонската асоцијација на издавачи за општествено одговорната улога на сликовницата „Халки“. Се јавивме како поддржувачи и на многу културни, спортски и уметнички проекти. Дониравме на различни социјално ранливи групи.
А во последните месеци од годината, ја отворивме и платформата за поддршка на повозрасните лица на која со голема љубов и внимание се посветуваме и ќе се посветиме во иднина.

Иако, во однос на тоа како сме се покажале на општествено-одговорно поле најважно ни е оценката да ја добиеме од јавноста, ценам дека е важно и самите ние да се согледаме и да видиме што сме направиле, што сме постигнале, но и да видиме каде и колку, повеќе да се насочиме во иднина. Дефинитивно, верувам дека сме на добар пат и дека покрај задоволството кое нашиот тим го има во реализација на ваквите проекти, допринесуваме и ќе допринесуваме и за задоволство на луѓето и јавноста околу нас.

Идолите на Халки, Да ги слушнеме и гушнеме, многу конкурси наменети за децата и младите и уште многу проекти беа дел од вашата агенда. Како публиката реагираше на нив?

– Импресиите на луѓето за кои ги наменивме овие наши активности ни покажуваат дека правиме навистина позитивни работи. Тоа и нè води во работата. Нашиот бренд веќе традиционално, своите светла ги насочува кон луѓето и ги истакнува преку својата комуникација пред јавноста. Веруваме дека на ваков начин ја даваме заслужената важност на лицата, на децата кои се насекаде меѓу нас, а кои се позитивен пример за следење. Оваа година тоа го направивме и преку „Идолите на Халки“. Заедно со вас, споделивме навистина прекрасни приказни на мали, а големи деца од нашата земја кои служат за инспирација и мотивација.
Со сите останати кампањи и настани кои ги реализиравме, дефинитивно предизвикавме позитивни експресии и емоции на луѓето кои беа дел од нив. Тоа е можеби најмалку мерлив ефект во квантитативна смисла, но е дефинитивно најважен и најефективен за имиџот кој го градиме.

Кои се мислите и целите што Ве водат во вашата работа? Што Ве мотивира најмногу?

– Пред се, навистина си ја сакаме работата што ја работиме. Дел сум од еден прекрасен тим на луѓе со кои се трудиме да ја завршиме нашата задача на начон кој ќедостигне повеќекратни вредности. Работиме за целите на брендот, за приближувањето на комуникацијата и услугите до јавноста на најдобар можен начин, за допринос кон општеството и средината, но, и за развој на нашата индустрија, на креативноста, уметничкиот и иновативниот пристап во комуникацијата. Сатисфакцијата од резултатите, но и од новите предизвици со кои се соочуваме или кои ги создаваме ни се и најголемата мотивација во работата.

„Планетата Ѕвездалија“ и оваа година е дел од вашата културно-забавна агенда. Годинава ја посветувате на вашите вработени со настани што се одржаа синоќа и вечерва. Какви изненадувања приредува „Ѕвездалија“ годинава?

– Новогодишната, и воопшто празничната атмосфера мора да ја гаиме и да ја уживаме. Едноставно таа не прави посреќни, подобри и порасположени. Сакаме да креираме вакво расположение и тоа го правиме и споделуваме со нашите вработени, со нашите соработници, со постарите, со оние на кои најмногу ќе им значи… А „Ѕвездалија“ е една од овие наши празнични креации. Таа е наше мало, магично и новогодишно катче каде славиме заедно со децата. И оваа година за „Ѕвездалија“ приготвивме прекрасна новогодишна програма во која покрај дечињата на колегите од „Халкбанк“, ќе уживаат и децата од неколку паралелки од основни училишта во Скопје.

Што ве очекува во наредната година? На какви проекти ќе бидете фокусирани, што би биле поврзани со Халки, културата, образованието?

– Сакаме да сме конзистентни и да се развиваме и растеме на сите полиња на кои веќе работиме. Ќе продолжиме да ги надградуваме нашите платформи за општествена одговорност: Халкеко, Халки и Чуварите на мудроста. Верувам дека ќе имаме уште повеќе и уште поголем импакт на сите полиња на кои овие платформи функционираат- животната средина, децата, културата, нивната едукација и повозрасните. Се надевам дека ќе имаме и бројни, успешни, а креативни кампањи кои ќе презентираат нови услуги, иновативни производи и ќе го доближуваат нашиот бренд до луѓето.