„Моќта на класиката“ произлегува од композициите што ќе се изведуваат и чинам дека ќе биде една многу убава вечер исполнета со „лесните“ звуци од класицизмот. Тие ни малку не се лесни, но токму тоа е нашата задача и мисија, да направиме сè тие да звучат лесно, игриво, полетно, оптимистично и магично, вели обоистката

Иако во оркестарот свирам долги години и со дел од тие луѓе секојдневно комуницирам, сепак многу е различно кога ќе се застане на солистичкото место, желбата да се даде максимумот и да имаме совршена изведба раѓа и огромна одговорност пред себе, пред колегите, пред публиката. Но, ние уметниците постоиме за публиката, затоа, јас ќе дадам сè од себе да уживаме сите во концертот. Ние на сцената во музицирањето, а публиката во нашата музика – вели Маја Чанаќевиќ, обоистка и солистка на англиски рог, која вечерва во 20 часот ќе настапи на концертот „Моќта на класиката“ со својата Филхармонија.

Повеќе детали за концертот, за возбудата и љубовта кон музиката, разговараме со Чанаќевиќ, добитничка на бројни награди на државни музички натпревари и член на Филхармонијата повеќе од две децении.

Почнувајќи од периодот на студиите па сè до денес, настапувала како солист или, пак, како член на камерни оркестри на сите фестивали во Македонија, но и надвор од неа. Како солист настапувала во Холандија, Украина, Босна и Херцеговина, Турција, Унгарија, Косово, Бугарија, Србија, САД итн… Има остварно и повеќе аудио и видеоснимки. Постојан член е на камерното студио „Бахус“, камерниот ансамбл „Консонанс“, оркестарот F.A.M.E.’S.итн.

Каква програма ќе има концертот и како се одлучивте токму за овие композиции?

– Насловот на овој концерт „Моќта на класиката“ всушност произлегува од композициите што ќе се изведуваат и чинам дека ќе биде една многу убава вечер исполнета со „лесните“ звуци од класицизмот. Тие ни малку не се лесни, но токму тоа е нашата задача и мисија, да направиме сè за композициите да звучат лесно, игриво, полетно, оптимистично и магично.

Спецификата на мојот инструмент не остава преголем простор кога се работи за избор на програма за концерт со оркестар. Повеќето композиции за англискиот рог се напишани во подоцнежниот период (од 19 век до денес), кога веќе инструментот започнува да има поголем солистички третман. Но, за среќа и во барокот, класицизмот, романтизмот има по некоја композиција која што веќе е дел од стандардниот репертоар за англиски рог.

Со оглед на тоа дека овој инструмент не е често застапен на сцената како солистички инструмент со оркестар, повеќе го слушаме како солистички инструмент во рамките на оркестарот, се одлучив да започнам од она што на некој начин значи основа, а тоа се композиции од класичниот период во музиката. Верувам дека не згрешив во изборот, бидејќи навистина се добива убава претстава за инструментот и заедно со Бетовеновата петта симфонија, чинат една убава музичка прошетка.

Какво е чувството да се биде солист помеѓу своите колеги и домашната публика?

 – Чувството е прекрасно, но од друга страна и многу стресно. За моите колеги ќе кажам само најубави зборови и тоа не би сакала да звучи како лажна пофалба, напротив, јас сум горда на моите колеги од оркестарот кои за овој концерт ми ја дадоа најголемата поддршка. На пробите, заедно со диригентот максимално се потрудија за да направиме убава атмосфера на концертот. А на самиот концерт пак, освен поддршка тие ќе ми бидат и најголемата инспирација.

Јас навистина сакам да им се заблагодарам на сите колеги со кои ја делам сцената, дури и оние на кои нема да свират на тој концерт, на колегите кои не се во Филхармонијата, а ми беа голема поддршка за овој настап. Нема поголема среќа за еден музичар кој може да биде среќен со своите соработници и пријатели музичари. Посебно би сакала да ù се заблагодарам на директорката Тина Иванова, која што ми ја даде довербата за овој концерт, но исто така и што се обидува да нè стимулира за повеќе настапи и повеќе концерти, што е особено значајно за секој музичар.

Иако во оркестарот свирам долги години и со дел од тие луѓе секојдневно комуницирам, сепак многу е различно кога ќе се застане на солистичкото место, желбата да се даде максимумот и да имаме совршена изведба раѓа и огромна одговорност пред себе, пред колегите, пред публиката. Но, ние уметниците постоиме за публиката, затоа, јас ќе дадам сè од себе да уживаме сите во концертот. Ние на сцената во музицирањето, а публиката во нашата музика.

Филхармонијата во последните години како да доживува една нова зрелост, влегува во смели проекти. Чекори ли оркестарот по вистинскиот пат? 

– Лично сметам дека и треба да се влегува во смели проекти, бидејќи тоа е еден од начините да се видат и „границите“ на оркестарот, до каде може да се оди. Мора да се отвораат вратите за нови композиции, дури и за дела кои можеби (поради нивната специфика) ќе се отсвират само еднаш. Секој оркестар континуирано го збогатува својот репертоар, тоа го правиме и ние, но она што никогаш не смееме да го заборавиме е оној репертоар кој ние го нарекуваме „железен“ и кој постојано и постојано нè потсетува и нè враќа на основите, тоа пластично би го објаснила: како да се вратите на првата лекција во учебникот, иако веќе сте стигнале до крајот.

Секоја концертна сезона си има различна убавина, но и акцентот се става на различни проекти. Најважно е да имаме квалитетни проекти, убави концерти и многу публика, другото може да се каже дека би било прашање на личен вкус.

Какви настапи Ве очекуваат годинава?

– Филхармонијата е една од ретките институции која што скоро и да не престана со активности во периодот на ковид-19. Така, првиот следен концерт ќе биде во оркестарот, на моето работно место. Освен симфониските концерти, би сакала да се фокусирам и на неколку концерти со камерна музика со ансамбли со кои долги години сме работеле. Воопшто не сакам да фрлам негативно светло на целиот прекрасен разговор, но за жал, триото со кое што работиме и оваа година не доби финансиска поддршка од Министерството за култура, а ниту пак институциите кои аплицираа за наши концерти. Тешко е кога имате потенцијал и желба за работа, но немате сцена каде да ја презентирате.

Но, ние сме музичари кои свириме постојано, во континуитет, не се собираме ад хок само за ги реализираме доделените средства. Нема да ни претставува потешкотија да ги отсвириме овие концерти и сепак на публиката да ù подариме врвно уметничко доживување, во надеж дека ќе се смени перцепцијата за уметникот/музичар и во иднина малку повеќе ќе се вреднува суштината и квалитетот.

Имам планови и за други концерти, и во моментов работам на тоа, но останува да видиме како понатаму сето тоа ќе се одвива. Јас сум оптимист дека она што треба да се случи, ќе се случи, порано или подоцна.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.