Магистрираше во Скопје, а докторираше во Белград. Во Македонија 10 години нема професор по современа уметност

Д-р Ана Франговска зборува за состојбите на Институтот за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде таа е ангажирана како стручен соработник

Откако магистрирав на нашиот Институт сакав да запишам докторски студии, но за жал, веќе десет години нема ниту професор, ниту асистент по современа уметност и немаше докторска програма за оваа насока, вели д-р Ана Франговска, кустос советник во Националната галерија на Македонија. Таа докторираше во Белград. Со неа разговараме за состојбите на Институтот за историја на уметност со археологија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде таа е ангажирана да држи вежби како стручен соработник. Умно.мк деновиве објави дека Институтот ќе згасне ако итно не се вработат професри и асистенти. За 5 години ќе останат вработени само тројца професори.

Колку време сте ангажирана на Институтот за историја на уметност со археологија и каков е Вашиот статус во моментот?

– По дипломирањето во 2001 година, три години бев демонстратор по предметите Историја на уметност на македонскиот народ по 1900 година и Светска историја на уметноста на 20 век, сè до 2004 година. По мене „беа обучувани“ уште тројца колеги стручни за современа уметност, од кои никој, за жал, не го продолжи својот професионален ангажман на Институтот. Од 2017/2018 јас сум повторно поканета на Институтот за историја на уметост и археологија како стручен соработник од областа да држам вежби по предметите Современа македонска уметност 1 и 2. Овој статус е сè уште актуелен. Од лани предметите Современа светска уметност 1 и 2 немаат предавач, што значи по овие предмети веќе една година нема никаква настава, а тие се темелот над кој се гради, детерминира и диференцира Современата македонска уметност 1 и 2.

Вие магистриравте на оваа катедра, но докторатот го браневте во Белград. Зошто?

– Откако магистрирав на нашиот Институт сакав да запишам докторски студии исто така кај нас, но за жал веќе десет години нема ниту професор, ниту асистент по современа уметност и немаше докторска програма за оваа насока. Бев принудена да размислувам за некоја од соседните земји, и мошне интересна, современа, актуелна и компатибилна на моите интереси звучеше програмата на Факултетот за медиуми и комуникации при Универзитетот „Сингидунум“ во Белград, т.е. програмата за трансдисциплинарни докторски студии по современи уметности и медиуми. Овие студии понудија одличен пристап, проширени хоризонти и мошне спектрални аспекти на разгледување на современата уметност за што сум многу задоволна.

Какви се придобивките од докторските студии во Белград, од друга страна какви дополнителни трошоци и други неповолности имавте поради тоа?

– Придобивките се многу големи. Како што споменав програмите се мошне aктуелни, современи и во чекор со најновите интер и трансдисциплинарни пристапи. Имав среќа што овој факултет има одлични професионалци од областа на светско ниво, како што е на пример Мишко Шуваковиќ, Ангелина Милосављевиќ, Maja Станковиќ и други, кои не само што беа исклучително професионални во менторирањето, туку и имаа целосно разбирање, волја и дадоа поддршка докторската дисертација да се поврзе со македонската современа уметност и да се истражи едно ново, неистражувано поле во нашата современа уметност. Секое студирање надвор од матичната земја се разбира е трошок, но финансиите не беа екстремно повисоки од студиите кај нас. Секако, голем дополнителен трошок е патувањето, како и потврдите кои ги бараат кај нас во МОН за да се спроведе нострификацијата, Но, највисока ставка беше преводот на самата докторска дисертација која мораше да биде предадена на српски јазик. Тоа чинеше едно мало богатство.

На Институтот историја на уметност со археологија веќе 10 години нема професор за современа уметност. Какви последици остава оваа состојба во македонската наука во оваа област?

– Ваквата состојба на нашиот Институт е една жална слика на реалноста и на едно општество во криза на духот. Ние наместо да се занимаваме со осовременување на програмите и курикулумите кои би им се нуделе на студентите, ние се бориме со стари и продлабочени трауми, недостаток на кадар, студиски програми, заинтересирани студенти и спомнуваме застрашувачки можности за згаснување на една од најстарите катедри на најстариот факултет во нашата држава. Да се потсетиме дека оваа катедра создава кадри кои треба да се занимаваат со истражување, чување, негување и афирмирање на богатото наследството, културата и уметноста како едни од најважните карики во дефинирањето на идентитетот и промовирање на вредностите на една земја.

Последниве години се соочувам со генерации студенти кои имаат желба да се устручат во полето на современата уметност, но таа можност им е скратена, бидејќи нема професор од таа област, кој би ги менторирал, а јас немам законско право да го чинам тоа. На овие студенти кои сакаат да се занимаваат со уметноста на денешнината крилјата им се скратени и тука, кај нас не гледаат никаква перспектива. Низ нашите средби, кои се временски малку – 16 часа по семестар, ќе добијат некој жар и грст надеж, но сè запира тука. Се обидувам индивидуално и заедно со моите колеги во Националната галерија или Музејот на современа уметност да ги анимираме, да ги вклучиме активно во процесот на работа со културното наследство од оваа област или пак во полето на креирање на нова современа сцена, да им дадеме некои волонтерски или хонорарни ангажмани и пракса, но сето тоа фукционира на мускули и со напори. И покрај ваквата состојба, среќна сум што низ годините, благодарение на упорноста и желбата на некои студенти, сепак изнедривме неколку професионалци и „занесеници“ во современата на кои сум особено горда, кои си го најдоа своето место или во некоја културна установа, НВО-а, средни школи или како независни куратори. Навистина има сјајни млади истражувачи кои можат да ја пополнат празнината (и во научен и во структурен смисол) која се создаде во годиниве наназад и да дадат свој валиден придонес во областа.

Кои се можните решенија?

– Единствен излез од ваквата алармантна состојба е итно вработување на нов квалитетен кадар на Институтот за историја на уметност и археологија, пред сè во областите кои не се покриени со професори, а потоа и дополнување во останатите сегменти со подмладок (асистенти) и создавање на нови современи силабуси и платформи кои ќе го вратат интересот за овие хуманистички науки кај младите и ќе отворат нови можности за интер и трансдисциплинарно кохабитирање со останатите научни дисциплини и факултети.

Сподели