Претставата „Мац, мац!” во режија и кореографија на Филип Петковски и копродукција на „Пресврт“, Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот” од Велес и „Гете институтот“ ја доби наградата за најдобра претстава од студентското жири на Интернационалниот театарски фестивал во Приштина, што заврши синоќа. Режисерот Петковски ја сподели радоста што студентите од Приштина ги препознале стилот и естетиката на претставата како релевантни и дека е почестен што фестивалот дал шанса на претставници од независната сцена од Македонија, во која битно место заземаат и студентите, да бидат во официјална селекција со националните театри од регионот.

Актерите и режисерот од „Мац, мац” кои настапија на фестивлот на 23 мај велат дека се изненадени од високото ниво на професионализам и беспрекорна организација од страна на организаторите на фестивалот кои групата ја пречекале со сите почести.
Во натпреварувачката програма на фестивалот учествуваа Народниот театар од Сараево, Интегра од Приштина, Ерато Театар и ХНК од Загреб, Експерименталниот театар „Кујтим Спахивољи” од Тирана и Народниот театар од Подгорица.
Жирито составено од Фатос Бериша (режисер), Ана Вукотиќ (режисерка) и Амернис Нокшиќи (актерка) пак, додели четири награди односно за најдобро одиграна улога, за најдобро одиграна споредна улога, за најдобра режија и за најдобра претстава, додека награди за најдобра претстава беа доделени и од страна на публиката, како и од жирито составено од новинарите Теута Арифај (АТВ), Лумира Келменди (РТК) и Адриана Пајазити (КултПлус). За најдобра главна улога беа номинирани актерите Ведран Чешарек и Ана Јовановска, додека за најдобра режија беше номиниран и режисерот Филип Петковски.

Во рамките на фестивалот, режисерот одржа и работилница по постдрамски театар пред група млади актери и студенти по актерска игра од Косово на кои им ја демонстрираше Вјупоинтс техниката по која е работена претставата. По успешното гостување во Приштина, претставата наскоро ќе гостува и во Скопје, како и на затворањето на Интернационалниот фестивал за алтернативен театар ФИАТ во Подгорица на 14 септември, кој е од натпреварувачки карактер.
Фотограф: Јили Бериша





