„Бидете храбри и кренете ја главата. Секој е способен. Секој може да го направи тоа. Сите имаат крилја, само треба да летаат!“, вели Македонката Љупка Вртева која ја доби титулата инженерка на годината што ја доделуваат списанието ИРТ3000 и компанијата „Медиаде“ со нивните партнери. Вртева е магистер по машинство и развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради и раководител на проектот за соларна централа во компанијата „Петрол“.

Љупка Вртева (фото: Андреј Криж)
Вртева додипломирала и магистрирала на Машинскиот факултет на Универзитетот во Љубљана. Во 2019 година ја завршила меѓународната образовна програма Европски енергетски менаџер – ЕУРЕМ на Институтот „Јожеф Стефан“, а денес е вработена како развоен инженер во „Петрол“. Таа развила уникатна компјутерска програма од областа на механичката вентилација на зградата, а сега се занимава со дизајнирање на нови, поефикасни енергетски системи.
– Вртева постојано е во потрага по нови предизвици во областа на енергетиката, а пред сè, пренесување на своето знаење и искуство од областа. Нејзината мисија е првенствено да ги охрабри младите девојки да одлучат за својот пат на кариера – велат организаторите на проектот „Инженер на годината“.
Вртева, пак, вели:
– Секој е способен да ги следи своите желби и ќе дојде момент во неговиот живот кога ќе бидат благодарни и горди на себе што се храбри и се одлучиле за инженерска професија.
Изборот „Инженер на годината“ е создаден на иницијатива на „Сименс Словенија“ и годинава се одржа по 6. пат.
Фото: Андреј Криж





