Љубинка Донева ja доби наградата „Даница Ручигај“ за стихозбирката „Сезона на пелинот“

Признанието „Даница Ручигај“ што Друштвото на писатели на Македонија го доделува за книга поезија објавена во тековната календарска година од поетеса-членка на асоцијацијата, годинава ѝ се доделува на Љубинка Донева за стихозбирката „Сезона на пелинот“.

Селекторката Марина Мијаковска во образложението за изборот истакнува: „Поезијата на Донева е сугестивна, згусната во поетските слики и претстави и е куса по форма… Пелинот е симбол за животот денес, стравот од егзистенцијата, болка од дистопијата и дисхармониите во светот. Пелинот е симбол, метафора, архетип на животните падови: смртта, болеста, тагата, очајот, немоќта … ‘Сезоната на пелинот’ е синтагма што ја засилува поетската функција и на живата поезија ѝ дава продолжен живот. ‘Сезоната на пелинот’ на Донева е горчлива наслада, медицински еликсир во полен и мед за раните нанесени на женското тело“.

Со наградата „Даница Ручигај“ се чествува името на македонската поетеса која трагично и прерано го загуби животот во скопскиот земјотрес и се поттикнува и валоризира поетското творештво на македонските писателки.