Во црквата „Св. Софија“ во Охрид вечерва во 21 часот ќе се одржи лирска вечер со диригентот Паскал Галоа од Франција, сопраните Милена Арсовска и Гонца Богоморова и баритонот Иван Наумовски.

Галоа покрај исклучително плодната активност како енигматичен и енергичен виртуоз-фаготист и познат педагог, во последно време се афирмира и како успешен диригент и особено креативен уметнички директор. Како еден од најпризнатите мајстори на фаготот, Галоа го инспирираше италијанскиот композитор Лучано Берио да ја напише и да му ја посвети Секвенцата XII (1995), дел од легендарната серија со која значително се прошируваат хоризонтите на инструменталните техники и екпресивниот дијапазон на инструментите кои Берио ги одбра за овој циклус. Реализирал бројни снимки како солист, камерен музичар и диригент, со исклучителен ентузијазам за нова музика, вклучувајќи дела од Булез до Куртаг; од Берио до Нојвирт.

Милена Арсовска е една од најистакнатите македонски вокални уметници од поновата генерација, со успешна меѓународна кариера. Дипломирала соло пеење на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Универзитетот за музика и уметности во Виена. Дебитира во Македонската опера и балет каде што настапува во оперите: „Волшебната флејта“, „Свртување на шрафот“, „Италијанка во Алжир“, „Рита“. Во Театарот во Виена дебитирала во 2010 година во оперетата „Лилјакот“ и „Суор Анџелика“. Арсовска редовно настапува на концертните сцени во Виена, а концертните турнеи ја водат низ Европа, Јапонија, Кина и САД.

Гонца Богоромова-Краповски своето професионално деби го остварува во 2006 година со Македонската филхармонија. Соработува со еминентни музички ансамбли и уметници: оркестарот на Пловдивската државна опера, Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, Минхенскиот камерен оркестар. Соработката со македонските композитори ги донесува на сцена премиерните изведби на композициите „Песни за љубовта и смртта“ од Панде Шахов, циклусот песни „Надеж“ од Дамјан Темков и „Смртта е син прозорец отворен кон денот“ од Бојана Петровиќ-Алексова која е и посветена на Богоромова. На македонската оперска сцена дебитира со улогата на Церлина во Mоцартовата „Дон Џовани“.

Иван Наумовски ги завршил дипломските студии по соло пеење со највисоки оценки на ФМУ во Скопје, во класата на м-р Марија Муратовска, а магистрира на Универзитетите во Грац и Виена. Како студент е освојувач на три балкански натпревари во: Македонија, Црна Гора и Косово. Имал многубројни настапи во Македонија со оркестарот на МОБ и Македонската филхармонија, и на рецитали во различни градови во Македонија како што се: „Скопско лето“, „Денови на македонската музика“, „Интерфест“ и „Есенски музички свечености“Настапувал во Норвешка, Австрија, Хрватска, Германија, Чешка и др.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.