Изложбата „Линии и бои (интроспекции)“ од писателот Христо Петрески ќе биде отворена вечерва во 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Сликарот се изразува преку линии, форми и бои, а писателот преку зборови, симболи и метафори. Но, уметноста нема граници и бариери, односно тие се тенки и речиси непостоечки и невидливи, па идеите, емоциите и пораките се прелеваат, зрачат и значат. Оваа изложба, всушност, е уште една авторска интроспекција, еден оттргнат дел од мозаикот, парче душа, троа материјализиран облик и изблик, дел и фрагмент од просторот и времето… По отворањето на изложбата, поголем број македонски писатели ќе читаат своја родољубива поезија.
Проф. д-р Христо Петрески досега има излагано свои ликовни дела на повеќе од 20 самостојни ликовни изложби, претежно во земјава, учествувал и на неколку ликовни колонии. Основач е на традиционалната Мултимедијална колонија во Битола, како и на Галеријата на познатите во Скопје. Автор е на книгата „Ликовната уметност е она што (не) се гледа“.





