Ликот на Конески со стиховите на „Везилка“ на корицата на списанието „Зенит“

Ликот на Блаже Конески нацртан со стиховите од неговата „Везилка“ ја красат корицата на новиот број на списанието „Зенит“. Корицата е авторско дело на уметникот Ване Костуранов, кој од самиот почеток е задолжен за осмислувањето на визуелниот изглед на списанието.

Овој двоброј е посветен на Конески, во чест на стогодишнината од неговото раѓање. Во првиот дел се сместени ретки, заборавени разговори со него, интервјуа со неговите соработници, есеи и трудови инспирирани од творештво на Блаже Конески. Посебен печат му даваат вметнатите уметнички дела од современи македонски уметници со мотиви од поезијата на Конески, создадени специјално за овој двоброј.

Вториот дел од списанието за наука, литература, култура и уметност, „Зенит“, ги содржи препознатливите рубрики во кои има интересни и мисловни разговори, есеи, научни трудови. Поезија и проза од современи македонски и европски автори, но и критика, мислења.

„Зенит“, како што вели уредничкиот тим Ана Витанова-Рингачева, Далибор Плечиќ и Сузана Мицева, е поинаква книжевна платформа која ги обединува уметничкиот, литературнкиот, но и научниот и културниот дух на современието. Според уредниците, „Зенит“ е веќе позициониран како списание што ги публикува етаблираните со младите автори, потсетува на подзаборавените авторитети, но и бара такви кои не биле поддржани и препознаени во своето време. Со еден збор, со будно око и со многу внимание се набљудува минатото и сегашноста на книжевната мисла, со цел да се даде квалитетен влог во градењето на македонската култура.

Печатењето на списанието го поддржуваат Министерството за култура и општина Струмица.

 

Сподели