Со наградата „Роман на годината“ сѐ повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и тоа ја прави најдемократска родова книжевна награда во Македонија, рече Лидија Димковска, на синоќешното врачување на наградата во Драмскиот театар, за нејзиниот роман „Единствен матичен број“. Романот е во издание на „Три“ и е 25ти добитник на оваа награда. Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 од весникот „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“. Синоќа беше отворена и изложбата „25 години Роман на годината“ на која беа претставени сите дела – досегашни носители на ова признание.
– 25 романи го носат печатот на наградата и кога денес ќе ги погледнеме насловите на книгите, сфаќаме дека речиси на ниту еден од наградените романи не му поминал рокот на траење и не паднал во заборав. 25 романи – колку прекрасна и важна полица во библиотеката на македонската книжевност, за сегашните и за идните генерации, за сите нас. Самата сум деветтата авторка добитничка на наградата, што укажува на тоа дека наградата Роман на годината сè повеќе ги препознава и признава писмата на авторките и со тоа е, се чини, најдемократската родова книжевна награда во Македонија. Ќе стане и најдемократската јазична награда кога за неа ќе можат да конкурираат не само авторите и авторките кои живеат во или надвор од Македонија, а пишуваат на македонски јазик, како што сум самата, туку и авторите и авторките кои живеат во Македонија, а пишуваат и на некој друг – малцински или миграциски јазик. Единствено квалитетот треба да биде поле за натпревар меѓу книжевните дела – рече Димковска.
Одлуката за наградата, која се состои од плакета, оригинална статуетка (изработка на академскиот скулптор Сашо Саздовски) и паричен износ од 150.000 денари, ја донесе жири-комисијата во состав: Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева.
Како млад новинар, ги следев јубилејните 25. Струшки вечери на поезијата и некој ми кажа дека сè што трае во Македонија повеќе од две децении значи дека вреди, рече Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на Фондацијата „Славко Јаневски“.
– Тогаш сфатив дека за една манифестација, во случајот, награда, во нашата држава, 25 години ако не е длабока старост тогаш се сигурно сериозни или барем средовечни години. Романот на годината е како престарена рок-ѕвезда. За Мик Џегер може да кажете што сакате, ама не можете да му го урнете реномето. Во таа смисла, мислам дека Романот на годината го достигна тоа ниво да може комотно и конфорно да се ‘брчка’ во своето место во македонската култура. Сакам да мислам на оваа награда како на своевиден книжевен капитал што секој лауреат ќе го носи со себе и со гордост ќе го истакнува во своите биографии – рече Георгиевски.