Џорџо Армани, славниот италијански моден дизајнер, почина на 91 година, соопшти неговата компанија
Почина Џорџо Армани, славниот италијански моден дизајнер кој изгради глобална империја, пренесува „Гардијан“. Имаше 91 година.
– Со бескрајна тага, групацијата Армани го објавува заминувањето на својот креатор, основач и неуморна движечка сила: Џорџо Армани – соопшти модната куќа.
Неговото огромно портфолио ги вклучуваше линиите за облека „Џорџо Армани“ и „Емпорио Армани“ заедно со етикетата за висока мода „Армани Приве“ и линијата „Армани Каса“ за дизајн и ентериери. Поради болест тој не присуствуваше на своите последни три ревии, одржани во јуни и јули. Се очекуваше да присуствува на прославата на 50-годишнината на брендот кон крајот на месецов, вклучувајќи значајна изложба во „Пинакотека ди Брера“ во Милано.
Основач и единствен акционер на „Џорџо Армани“, упатениуте велат дека тој одбил бројни понуди во текот на својата кариера да стане дел од една од четирите големи луксузни модни конгломерати. Независноста на неговиот бренд ја опишувал како „суштинска вредност“.
Неговата прва презентација во 1975 година ја иницирала идејата за „меко моќно облекување“, со што ја добил титулата „Крал на блејзерот“. Неговата понуда на флуидни наместо структурирани костуми со подолги сакоа, лабаво плисирани панталони и палта со појас што го допираат подот создаде целосно нов пристап кон облекувањето. Истите техники ги применил и на женска облека. Неговата придушена палета на бои со сива и беж стана синоним за скриено богатство, многу пред поимот „тивок луксуз“ да влезе во модниот речник.
Во 1980 година брендот се искачи на врвот на меѓународна слава кога Ричард Гир почнал да носи бројни парчиња дизајнирани од Армани во филмот „Американски жиголо“, што отпочнал и нов начин на работа со Холивуд.
Во 1978 година, Дајан Китон станала првата актерка што носела Армани на црвениот тепих на Оскарите. Џоди Фостер носела негови парчиња на секоја церемонија, додека изгледот на Џулија Робертс од 1990 година со сив Армани костум со бела кошула и вратоврска станал еден од најнезаборавните изгледи на Златните глобуси на сите времиња.
Роден во Пјаченца во северна Италија во 1934 година, Армани почнал да гради кариера во медицината. Го напуштил Универзитетот во Милано пред да ја земе дипломата и се приклучил на армијата. Наскоро почнал да бара поинаква професија.
– Влегов во модата речиси случајно. Полека растеше во мене сè додека целосно не ме апсорбираше, крадејќи ми го животот – изјавил славниот креатор.
Првично работел како декоратер на излози, па како продавач во „Ла Ринасенте“ – значајна стоковна куќа во Милано, за да ја презеде улога на дизајнер за машка облека кај Нино Черути.
Армани имал 41 година кога го лансирал својот сопствен бренд. Неговиот партнер Серџо Галеоти, архитект по професија, го убедил да го продаде својот „фолксваген буба“ за да ја финансира својата компанија. Галеоти ги водел финансиските книги додека Армани се фокусирал на креативниот дел. Кога Галеоти починал во 1995 година, Армани продолжил сам.
Производите со брендот Армани заработиле 3,5 милијарди фунти во 2021 година. Тие вклучуваат и хотели, ресторани, ноќни клубови, козметика, чоколади и дури и цвеќарство. Армани сакал да го задржи бизнисот во семејството.
По колекцијата пролет/лето 2022, Армани за првпат се поклонил заедно со Лео Дел’Орко, раководител на канцеларијата за машки стил, кој првично се приклучил на компанијата во 1977 година.
На прашањето во едно интервју во 2022 година како би сакал да остане запаметен, Армани одговорил:
– Како искрен човек. Го кажувам тоа што го мислам.
Насловна фотографија. Принтскрин





