Со претставата „Леди Магбет“, кореографката Рисима Рисимкин заедно со својот Скопје танцов театар вечерва во 21 часот ќе гостува на сцената на Фестивалот на Шекспир во Верона, Италија. По ланскиот голем успех и гостувањето во култниот Национален театар за современ танц „Шајо“ во Париз, Рисимкин продолжува да освојува значајни светски сцени и да ја презентира Македонија на највисоко уметничко ниво.
Фестивалот на Шекспир е основа во 1948 година и годинава ќе полни 75 години постоење, на неговите сцени се создавала богатата историјата на веронеските летни сезони, во кои се вклопуваат гостувања на долга листа на продукции, актери, режисери, сценографи, музичари, танчери, кореографи итн. Фестивалот, чија историска и уметничката вредност е огромна, со години претставува централна локација за театарската култура на светско ниво.
– Многу сме возбудени за настапот во прекрасниот Театар Камплој, каде што ќе изведеме претстава инспирирана од творештвото на Шекспир во градот Верона, кој овие денови дише во знакот на овој голем уметник. Организаторите не информираа за огромниот интерес за претставата, кој се базира на вистинската реткост за публиката на овој фестивал, да види дело на Шекспир изведено со поинаков сценски јазик – низ танц, а без зборови. Со тоа и нашата одговорност да се долови оваа приказна и емоција е голема. За мене, како кореограф, ова е интересна и секогаш актуелна тема, отсликувањето на женските ликови во драмите на Шекспир. Уметничката визуелизација на претставата е базирана врз истражувањата на делото на Шекспир, кои ги направивме заедно со целата креативна екипа. Слики и скици на една интимна историја, во која се фокусираме на психолошкиот профил на Леди Магбет. Креацијата е направена во контекст на времево во кое живееме, повлекуваме паралели помеѓу безвременото творештво на Шекспир и актуелноста на темите кои тој ги опфаќа.“ – изјави Рисимкин.
Музиката за претставата е на композиторот Тони Китановски, костимите на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената и светло на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Анастасија Данчевска како Лејди Магбет, Дејан Битровски како Магбет, Бобан Русески како Алтер его на Лејди Магбет, Сара Цветковска како Алтер его на Магбет, танчери на Скопје танцовиот театар и Викторија Коцева, Стефани Шааршмит, Клара Христовска и Јоана Благадуша, студенти на Катедрата за современ танц.