Леа Кроневска: Се двоумам помеѓу два реномирани универзитети во Лондон и Амстердам, но дефинитивно ќе се фокусирам во сферата на генетиката

Би сакала да го одберам универзитетот кој ќе ме оспособи да направам живот за себе, а не само заработка , вели Леа

Иако се двоуми помеѓу два реномирани универзитети на кои е примена, VU Amsterdam и King’s College во Лондон, Леа Кроневска, матурантка во меѓународното училиште „Нова“, е сигурна дека без разлика по која патека ќе тргне ќе добие одлични услови за развој и квалитетни академски програми. Вели дека за неа најважно е да има пристап до напредни лаборатории и истражувачки центри особено во областа на генетиката која е нејзин фокус. Сака да работи на проекти кои имаат реално влијание и да учи од професори кои се водечки во својата област, но го зема во предвид и животниот стил во овие градови.

– Амстердам е познат по својата толерантност и квалитет на живот, додека Лондон нуди огромен број на професионални можности и динамична средина. Додека рокот за оваа одлука се наближува би сакала да го одберам универзитетот кој ќе ме оспособи да направам живот за себе, а не само заработка – додава Леа.

Леа Кроневска

Примена си и на други универзитети. Може ли да ни објасниш каде аплицираше и каде си примена? Воедно, што ги издвои VU Amsterdam и King’s College London пред сите останати?

– Како и многу од моите соученици, јас аплицирав на петнаесетина универзитети во Холандија, Англија и САД, како и еден универзитет во Ирска. Со исклучок на три универзитети, на кои не бев примена или бев ставена на листа за чекање, ја имав привилегијата да бидам пребирлива во мојот избор за понатамошните студии. Програмите на кои аплицирав најчесто беа поврзани со биомедицина, но вклучуваа и неколку програми за либералните уметности и науки, што делумно го олесни мојот избор. Првично, иако како ученичка на IB (International Baccalaureate) програмата, навикната сум на флексибилната и интердисциплинарна програма кои ја нудат овие универзитети и сметам дека либералните уметности и науки се посоодветни за некој кој сè уште не е сигурен што би сакал да студира. Истовремено, VU Amsterdam и King’s College London нудат силни интернационални програми со истражувачки можности и ресурси кои подобро се совпаѓаат со моите академски цели и навистина би ми помогнале.

Се одлучи за интересни, но и прилично комплексни полиња – биомедицински науки и генетика. Како навлезе и што те привлече во оваа научна сфера?

– Уште кога бев во основно, најмногу ме интересираа науките како биологија и хемија поради што одев и на натпревари по тие предмети. Не верувам дека имаше еден пресуден момент кога се одлучив да студирам биомедицина и генетика, но во моето образование, отсекогаш се издвојуваа овие полиња. Преку училишната програма во „Нова“, но и летните курсеви на John’s Hopkins University во Балтимор и клубот за биохемија кој го започнав со близок соученик, имав многу можности да ги развивам моите интереси во теорија и практична употреба. Особено ме фасцинираше полето на генетика поради тоа што се поврзува со секој аспект на нашето постоење од надворешниот изглед до телесните функции и однесувањето поради што се одлучив да се посветам на проучувањето на човекот како еден килим од гени.

Што очекуваш од целиот универзитетски процес? Дали веќе почна да ги истражуваш градовите и дали твојот фокус се само студиите или сакаш да имаш едно сосема ново културолошко искуство?

– Иако во процесот на аплицирање најголем фокус ми беше квалитетот и типот на програмата што ја нудат универзитетите, кога дојде време да се одлучам каде би сакала да одам, морав да ги разгледам и другите околности како што се културата и социјалниот живот во тие градови. Во моментот сè уште се двоумам помеѓу два универзитети, едниот во Амстердам, а другиот во Лондон, каде има сосема различни култури. Благодарение на мојата постара сестра која студира во Амстердам, имав многу шанси да го посетам градот, па дури и да го вкусам студентскиот живот таму. Од друга страна, сè што знам за Лондон е од работи кои можат да се најдат на интернет, па затоа би сакала моето искуство како интернационален студент да биде еднакво спонтано и освежително, но и делумно подготвено однапред.

Дали пристапуваш со страв или со позитивна возбуда кон преселбата во сосема нов град и комплетното менување на средината во која сега се чувствуваш комфорно?

– Како човек кој постојано се труди да се подготви за сите можни исходи на една ситуација, се зачудив што мојата идна преселба ја сметам за возбудлива, а не застрашувачка. Иако мојот живот во Скопје секогаш ќе ми биде драг и разделбата од моите родители и пријатели нема да е лесна, оваа промена сакам да ја гледам на позитивен начин. Верувам дека новите и непознати околности не се пречка во мојот пат туку само уште една прилика за личен развој.

Кога и како одлучи да се запишеш во „Нова“ и како би го опишала севкупниот образовен процес во ова меѓународно училиште?

– При крајот на моето основно образование, сè уште се двоумев помеѓу повеќе училишта, меѓу кои беше и „Нова“. Како меѓународно училиште, многу се разликуваше од моето основно училиште „Владо Тасевски“, но никогаш не почуствував дека оваа промена е негативна. На почетокот, за време на пандемијата, наставата се одвиваше онлајн, поради што моето вистинско средношколско искуство не започна до мојата втора година во „Нова“. Преку MYP и IB програмата, се прилагодив на интердисциплинарен начин на учење ставајќи особено значење на критичкото и оригиналното размислување. Истовремено, интернационалната средина во „Нова“ допринесе до мое севкупно развивање како индивидуа со тоа што ми овозможи да развијам широки погледи, но и да создадам доживотни пријателства.

Колку кадарот и наставниците во „Нова“ ти помогнаа во процесот на аплицирање на овие универзитети и каков беше воопшто процесот на аплицирање за тебе?

– Додека аплицирав на моите одбрани универзитети, знаев дека ја имам целосната поддршка од моите наставници кои, освен во пишувањето на писмени препораки, ми дадоа и одлични совети за моите понатамошни студии. Особено сум благодарна на нашата академска советничка, Ирена Филкова, која во секој миг од денот, дури и преку распусти и викенди, сакаше да ни помогне во овој процес. Во текот на целото средно образование, таа нè подготвуваше за различните аспекти на апликациите, како што се изборот на факултетот или пишувањето на многуте мотивациони писма, но и беше тука да ги сослуша дури и моите моментални дилеми за универзитетите. Притоа, и покрај сите рокови и долги есеи, аплицирањето на универзитет ми беше прилично пријатно искуство бидејќи, освен што ми даде повеќе можности за идните студии, ми овозможи да дознаам повеќе за себе и за своите амбиции.

Каде се гледаш себеси по дипломирањето?

– По дипломирањето би сакала да продолжам со своето образование и да стекнам магистерска или докторска диплома за да специјализирам во конкретна област на полето на генетиката. Притоа би можела да ги доразвијам своите специфични интереси, но и да станам поконкурентен кандидат за кариера во истражување или клиничка генетика. Секако, освен теоретско знаење, се надевам дека би имала повеќе можности да стекнам и практично искуство кое отсекогаш било, но и продолжува да биде еднакво важно во моите студии.

Сподели