Лазар Личеноски, харизматичниот галичанец кој кратко живеел во куќата за која долго мечтаел

Освен нивните внуци и роднини, по некој историчар на уметност, галерист или новинар имаа привилегија во 2007 година да ја видат замрзната слика во времето која во подоцнежните години почна да исчезнува

„Молам не сметај ми кога работам“. За помладите генерации оваа реченица ќе остане последен паметник на Лазар Личеноски, напишана на внатрешниот дел од капакот на отворената дрвена кутија полна со сликарски бои со кои големиот сликар создавал нови светови на белите платна. Еден од световите останал недовршен, потпрен на штафелајот во огромното ателје, во куќата под Скопското кале, на кејот на Вардар. Кутијата оставена во замрзнатата слика на домот каде неговата сопруга Зое Личеноска долги години го чуваше споменот на нејзиниот љубен, сè до моментот кога веќе не можеше да се грижи за себе и мораше да се пресели во дом за стари лица, од каде по некое време му се придружи на Личеноски. Во 2007 година, куќата ѝ припадна на државата со намера да прерасне во Музеј на Лазар Личеноски, а е под надлежност на Националната галерија на Македонија.

Лазар и Зое Личеноски немаа деца. Освен нивните внуци и роднини, по некој историчар на уметност, галерист или новинар имаа привилегија да ја видат оваа слика замрзната во времето која во подоцнежните години почна да исчезнува како резултат на долгогодишните административни процедури и мали буџети за целосна санација и пренамена. Пред четири месеци, куќата на доајенот на македонското современо сликарство, Лазар Личеноски повторно ги отвори вратите за младите уметници. Вратите се исцрнети од ненадејниот пожар кој пред неколку години ја зафати куќата, ѕидовите се раскопани зашто објектот е во фаза на конзервација, додека јавноста со нетрпение чека куќата повторно да ја обземе харизматичниот дух на Личеноски.

Лазар Личеноски е роден во Галичник, под стрмните падини на Бистра, на 26 март 1901 година. Детството го поминал во родното село, Призрен и во Тетово. По смртта на татко му се школувал во Скопје, Белград и во Париз. Четири години учел во Уметничко училиште, завршил наставнички курс и веднаш продолжил на академскиот. Минал шест години во Белград, во тешки услови за живот. Се дружел и живеел со своите колеги. Во 1927 година ја отворил првата самостојна изложба во Скопје. Кога го завршил Уметничкото училиште, му се отворил простор за уште една мечта – да го види Париз. Две години минал во светскиот центар на уметноста, каде што излагал со група југословенски уметници што престојувале во Париз. Повторно се вратил во Белград. Во 1929 година ја отворил втората самостојна изложба во Скопје и прв пат се претставил во Белград. Во следните пет години живописал неколку цркви во Македонија. Кон крајот на триесеттите години од минатиот век бил преокупиран со сликање чочеци, бачила, долапи и пејзажи.

Во 1940 година со оженил со Зое Главина, наставничка по француски јазик. Заедно, Втората светска војна ја поминале во Белград. Зое раскажува дека во тоа време Личеноски, преку своите другари, го помагал Народноослободителното движење во Македонија. Во Белград бил познат по неговата харизма, бил омилен меѓу уметници што живееле и твореле во тој период во градот.

На крајот на 1944 година решил дефинитивно да се врати во Македонија. Во следните осум години се занимавал со педагошка дејност и учествувал во формирањето на културно-уметничкиот живот во Скопје и на Уметничката галерија „Скопје“. Бил професор во Средната художествена школа, денешното Училиште за применета уметност. Како претставник на првата меѓувоена основоположничка генерација ликовни уметници, ја подготвил новата генерација ликовни уметници во Македонија.

Димитар Андонов-Папрадишки (лево), Лазар Личеноски и Никола Мартиноски (десно)

Личеноски долго време мечтаел за ателје, но откако се вселил во куќата на кејот на Вардар, кратко живеел. Боледувал од дијабетес, но бил експлозивен, со немирен дух и малку внимавал на своето здравје. Починал во Скопје, на 10 април 1964 година.

Зое Личеноска повеќе од четири децеении живееше сама во куќата, да го чува споменот на својата љубов. Во 2007 година се одржа промоција на нејзината книга „Мојот живот со Лазар Личеноски“. Зое тогаш имаше 89 години и поради болест не присуствуваше на промоцијата. Во преполниот Даут-пашин амам сите внимателно ги слушаа писмата што Личеноски и’ ги пишувал на сопругата, во интерпретација на актерката Љупка Џундева. Златко Теодосиевски, еден од промоторите на книгата и тогашен директор на Националната галерија на Македонија рече:

– Во книгата Зое Личеноска пишува за својот сопруг. Меѓу другото, проткаена е една нетипична, неовоземска љубов меѓу двајца сопружници. Би го потенцирал недостигот од овој вид литература кај нас, за да може поинтимно да ги запознаеме уметниците – рече тогаш Теодосиевски.

Куќата на Личеноски била изградена во 1960/61 година. Куќата има приземје, каде се сместени просториите за живеење, а на катот се наоѓа пространото ателје каде работел Личеноски. Таму сè беше оставено како на 10 април 1964 година, кога тој ненадејно починал. Во ателејто, на штафелајот беше потпрено недовршеното платно. Во 2007 година во ателјето имаше стотина ликовни дела работени во маслена техника и околу 40 мозаици. На ѕидовите беа закачени десетици портрети, бачила, долапи, потпрени многу пејсажи и една од омилените теми за сликање на Личеноски – пастрмки. Од ателјето се излегува на пространата тераса. Таму, на ѕидот се наоѓа познатиот мозаик што се гледа и од другата страна на Вардар.

Официјално, оставинската постапка за куќата е завршена кон крајот на февруари во 2015 година, објаснува актуелната директорка на Националната галерија, Дита Старова-Ќерими. Според неа, ревитализацијата на објектот е еден од најважните проекти за Националната галерија, но истовремено и проект во кој се соочуваат со најмногу предизвици при реализацијата. Станува збор за долг процес кој сам по себе опфаќа повеќе фази и ангажман од повеќе тимови и многу стручни лица. Обемноста и сложеноста на работите при изработката и реализацијата на одделните конзерваторски и реставраторски проекти го диктираат и темпото на реализација. Проектот опфаќа конзервација, адаптација и ревитализација со што куќата на доајенот ќе биде пренаменета во Спомен-куќа „Музеј Лазар Личеноски“.

– Во светот постојат многу куќи на уметници кои се национални куќи легати. Лазар Личеноски се смета за најавтохтон македонски автор и благодарение на големиот интерес на евроамбасадорот Гир за македонската култура и уметност воопшто, пројави и посебен интерес за куќата-музеј. На мое големо задоволство заеднички одлучивме одбележувањето на третиот роденден на Европската куќа да се случи таму и некои работи да се придвижат, да се забрза динамиката околу недвижиот дел, односно работите околу самата куќа – вели Старова-Ќерими.

Сподели