Лауреатот на СВП Шунтаро Таникава поради возраста нема да дојде во Струга

Таникава има 91 година и поради здравствени ризици не може да патува – „Златниот венец“ ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист

Најзначајниот жив јапонски поет Шунтаро Таникава, годинашниот лауреат на Струшките вечера на поезијата нема да присуствува на врачувањето на наградата на фестивалот што ќе се одржи од 25 до 29 август во Струга, соопштија од фестивалот. Таникава има 91 година и поради здравствени ризици не може да патува. „Златниот венец“ ќе го прими неговиот син Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист. Таникава, во рамки на портретот на лауретот во „Св. Софија“ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на својот татко. Специјален гостин на фестивалот ќе биде лауреатот во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

– Програмата на фестивалот ќе ги задржи препознатливите програмски содржини. Повеќе од 25 странски поети и домашни поети од различни генерации ќе учествуваат на главните поетски читања на Струшките вечери на поезијата – велат од СВП.

Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на вообичаената локација – платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата. Во останатите денови, претпладневната програма е предвидена да се одвива во конгресната сала на хотелот „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Предвидено меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети. Ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „Версополис“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.

– Струшките вечери на поезијата годинава се одржуваат под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ со кое се потенцира исконската врска помеѓу ритмичките обрасци во поезијата како одраз на ритмичките обрасци во природата и севкупната стварност, но и врската помеѓу поезијата и музиката – велат од СВП.

Во рамките на програмата ќе биде промовирана и „Антологијата поезија и музика“, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката. Програмата на фестивалот, почнувајќи од 2019 година, целосно се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокот аудиториум. „Струшките вечери на поезијата“ го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој почнувајќи од 1961 година ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.

Сподели