„Курирање на јавното, курирање на заедничкото“ – тема на симпозиумот на АИКА

Годишниот симпозиум на Здружението на ликовни критичари – АИКА Македонија, насловен „Курирање на јавното, курирање на заедничкото“, ќе се одржи денеска со почеток во 12 часот во Музејот на современа уметност во Скопје. Работната сесија вклучува излагања и дискусија на темата, која е конципирана и модерирана од Владимир Јанчевски. Учесници на симпозиумот се Ивана Мештров и Силва Калчиќ (Хрватска), Маја Ќириќ (Србија), Јане Чаловски, Биљана Тануровска – Ќулавковски и Клелија Живковиќ (Македонија).

Симпозиумот се организира во партнерска соработка со АИКА Хрватска и Културно-социјалниот простор „Центар-Јадро“ и со финансиска и техничка поддршка од AICA International, Министерство за култура и Музеј на современата уметност-Скопје.

Повеќе од три децении откако стана општо прифатено дека историјата конечно заврши, отворајќи ја вратата за униполарен свет за кој се веруваше дека го опфаќа и го вклучува целото човештво, се наоѓаме себеси разочарани и во неизвесна сегашност – веројатно најопасната и најнепријателската средина од Втората светска војна наваму.

Денес постојано се потсетуваме дека функционалната демократија зависи од јавната сфера – исто така се и практиките на создавање слики, а поконкретно уметностите – кои се нужно дел од она што беше, или сè уште веруваме дека е, неопходен услов sine qua non за размислување на заедничкото.

Разгледувањето на капитализмот и уништувањето на заедничкото особено во сегашната фаза на неолибералниот капитализам, преку критиката на политиката на заедничкото од различни перспективи, може да создаде нови решенија не само за нашиот економски опстанок, туку и за изградба на свет ослободен од постојните хиерархии и поделби.

Пред да поставиме кое било друго прашање во врска со улогата на светот на уметноста, должни сме да ги преиспитаме актуелните дебати за тоа што ја сочинува јавноста и заедничкото во плуралистичките демократски општества и нужно да ги поврземе со концептите што ја дефинираат кураторската работа – не толку како хиерархиски структурирано управување, туку како порадикален дехиерархиски фокус на интеграција и грижа.