Половина век од „Кум“ на Копола на Скопје филм фестивал

Сагата „Кум“ одамна стана референца во историјата на филмот, своевидна жанровска дата-база и параметар за успех, или, едноставно, ремек-дело

Половина век од првиот од серијалот „Кум“ (1972) во режија на Френсис Форд Копола ќе биде одбележан во рамките на програмата на Скопје филм фестивал. Проекциите на трите филмови од серијалот вечерва, утревечер и во среда (14.09) во Кинотека на Македонија од 20 часот. Главните улоги ги толкуваат Марлон Брандо, Ал Пачино, Џејмс Кан, Роберт Дувал, Роберт де Ниро, Дајан Китон, Бриџит Фонда, Софија Копола и други.

– Кога еден филм не само што станува култен, туку со текот на годините и децениите неговото значење и влијание постојано расте, тогаш сведочиме на редок феномен во историјата на филмот. Денес, за да дојдете до базичното прашање во врска со „Кум“ и неговите две продолженија, мора да ги „расчистите“ бројните наслаги од информации, митови, урбани легенди, анегдоти, изреки кои ги знаат сите… Најголемиот феномен на „Кум“ е тоа што филмот како да е „роден“ со таа патина во 1972 година, препознатлива изминативе 50 години. Од друга страна, без разлика на тоа колку вкусовите на филмските критичари и на историчарите на филмот се различни, „Кум“ е од оние филмови монолити на кои нема потреба да им се одзема – а уште помалку да им се додава – што било: ниту сцени, ниту монтажни, ни костимографски или сценографски решенија, најмалку ритам во режијата или некоја нота во музиката – велат од фестивалот.

„Кум“ освоил „Оскар“ за најдобар филм, најдобра главна машка улога (Марлон Брандо) и најдобро адаптирано сценарио (Копола, Пузо), а бил номиниран во уште 8 категории.

Репутацијата на „Кум“ кај критичарите и филмофилите низ децениите постојано растела и филмот одамна е дел од Националниот филмски архив на американската Конгресна библиотека како уметничко дело со посебна вредност, а во рангирањето на Американскиот филмски институт е на второто место, зад вечно првиот „Граѓанинот Кејн“ (1941) на Орсон Велс.

Две години по огромниот успех на „Кум“, во 1974 година компанијата „Парамаунт“ вложува двојно повеќе пари (буџетот е 13 милиони долари) во продолжението, а салдото на кино-благајните во светот е нешто помалку од 50 милиони долари. Копола и Пузо во „Кум 2“ ја враќаат сторијата на почетокот на животот на Дон Вито Корлеоне и неговото доселување во САД како дете побегнато од крвната освета на Сицилија, како увод за големата приказна за новиот мафијашки кум, Мајкл Корлеоне, и предизвиците на новата ера во неговиот бизнис и во семејството, со зачувување на нишката на античката трагедија. Наративната структура низ супериорно изведената паралелна монтажа од „Кум 2“ создава природна целина со првиот дел, па критичарите и историчарите на филмот сметаат дека, всушност, „Кум“ е филм во два дела, диференцирајќи го третиот, последен дел, како потполно засебен и поинаков.

„Кум 2“ освоил 6 „Оскари“ – најдобар филм, режија, машка споредна улога Роберт де Ниро, адаптирано сценарио, сценографија – Дин Тавуларис, Анџело Греем, Џорџ Нелсон, музика – Нино Рота и Кармајн Копола, а бил номиниран уште во 5 категории . Во „Кум 2“ за прв пат настапуваат двете актерски икони, Пачино и Де Ниро, но без заедничка сцена, и филмскиот свет ќе чека повеќе од 20 години повторно да ги види нивните имиња заедно на најавната шпица во „Жештина“на Мајкл Мен.

Третиот дел од сагата за семејството Корлеоне излезе во 1990 година, а хроничарите бележат дека тоа, повторно, е резултат на прозаични причини – парите. Колку што Копола е успешен како режисер, толку е очаен како продуцент, кој често банкротирал, па иако сметал дека „Кум“ со двата дела е заокружена приказна, не можел да го одбие буџетот од 54 милиони долари. Копола и Пузо сметале дека третиот дел треба да биде финале со наслов „Смртта на Мајкл Корлеоне“, но за продуценти бројот во насловот бил пологично решение за наслов што треба да продаде филм.

„Кум 3“ забележал солидни 136 милиони долари на кино-благајните, а Копола 30 години подоцна ја објавил неговата верзија под наслов „The Godfather Coda: The Death of Michael Corleone“, која по кратката кино-дистрибуција завршила на ДВД и на блуреј. Третиот дел забележал 7 номинации за „Оскар“, за прв пат бил номиниран и брилијантниот директор на фотографија Гордон Вилис, но не добил ниту еден. Критиката била фокусирана на ќерката на режисерот, Софија Копола, и нејзиното толкување на улогата на Мери Корлеоне го прогласила за очајно, подгревајќи ја „војната“ со Ф. Ф. Копола.

– Сагата „Кум“ одамна стана референца во историјата на филмот, своевидна жанровска дата-база и параметар за успех. Или, едноставно, ремек-дело – велат од фестивалот.

Сподели