Културното наследство во транзиција и образовните реформи во Македонија

Факторите кои ја креираат образовната политика во земјава да го разгледаат концептот кој го замислиле – ако создаваат нови програми, треба да размислат како и каде ќе биде изучувано културното наследство

Пишува: Даниел Ѓорѓевски, археолог

Пред околу половина година започна процес во кој врвни научници од општествените науки изнесоа бројни мислења. Се создаде толкава тензија и според многумина беше донесено во прашање опстојувањето на историјата како наука. Министерството за образование излезе со став дека целта е подобрување на стратегиите и градење нови практики на наставата по општествени науки. Целта на Министерството, како што велат, е да се интегрираат неколку предмети, како што се: историја, географија и граѓанско образование во еден предмет наречен Општествени науки? Според нив ова е резултат на опсежни истражувања кои укажале дека ваквата реформа е нужна за да се подобри квалитетот на образование и моделите на учење на учениците во основните училишта.

Кои науки влегуваат во општествени?

Според најлесно достапната содржина на интернет-мрежата „Википедија“ (со англиска поддршка) во општествени науки влегуваат: антопологија, економија, историја, комуникологија, лингвистика, политички науки, право, психологија, социологија, археологија и географија, како комбинација на општествени и природни науки, бидејќи и двете се занимаваат со природни процеси и појави.

Археолошки локалитет Стоби

Дали интегрирањето ќе го подобри или дополнително ќе го искомплицира образовниот систем?

Образовниот систем несомено треба и мора да биде реформиран, но реформите треба да бидат насочени кон децениски проблеми со кои се соочува образованието. Првенствено се мисли на правилна распределба на наставен кадар, во буквална смисла поставување на компетентни едукатори, спремни да одговорат на предизвикот. Велам предизвик, бидејќи со сегашениот модел, за жал и идниот имајќи го предвид системот на распределба, наместо да добиеме поголем број на квалитет, добива само на квантитет.

Најдобар пример за тоа е програмата по Историја изработена во 2014 година која има бројни недостатоци како од концептуален, така и од методолошки карактер. Според програмата, целите на овој предмет (историја) е учениците да се запознаат со основни знаења за значајни настани, појави, процеси и личности. Потоа следи: Да се осознае историското минато со цел да се разбре сегашноста и се креира иднината. И така во круг. На ниту едно место не се сретнува терминот културно наследство, запознавање со материјалното и нематеријално културно наследство и сл. Затоа може да констатираме дека од самиот почеток наидуваме на пречка во која поголем дел од гореспоменатите општествени науки се делумно или целосно изоставени од примарното образование, или пак се со децении интегрирани во други предмети иако темелно се разликуваат.

Фото: Неолитски музеј на отворено Тумба Маџари

Веднаш мора да се запрашаме каде е тука местото на археологијата – еден од главните механизми преку кои се менаџира културното наследство? Дали археологијата има место во јавното образование, а да не е единствено високото? Како археолог би се запрашал, каде и како се толкува археологијата во државните стандарди, ако ги има воопшто? Како и каде едукаторите во минатото и сегашноста ја користеле археологијата во примарното образование?
Некои од науките се интегрирани во други предмети, таква е судбината на археологијата која со децении наназад е интегрирана во програмата за историја, парцијално. Кога критикуваме, мора да бидеме и самокритични. Археологијата не е единствен механизам со кој се управува културното наследство, тука влегуваат и историјата на уметност, архитектурата, антропологијата и сите останати дисциплини кои се занимаваат со материјалното и нематеријално културно наследство. Сето ова дополнително го усложува концептот на општествени науки за кои се дебатираше, и го прави проблематичен и критичен во повеќе точки бидејќи науките кои се занимаваат со културното наследство се сложени и методолошки различни за да се интегрираат во еден концепт во кој ќе бидат опфатени единствено историјата и географијата.

Што е културното наследство?

Културното наследство е група ресурси наследени од минатото кои луѓето ги идентификуваат, независно од сопственоста, како одраз и израз на нивните постојано развивачки вредности, верувања, знаења и транзиции. Ги вклучува сите аспекти на животната средина што произлегуваат од интеракцијата помеѓу луѓето и местата низ времето. Културнотo наследство се дели на материјално и нематеријално. Културното наследство е вреден и потентен ресурс за учење и комуникациски медиум, кој може да се користи на многу различни начини за да се илустрираат културните практики и вредности и да се залага за социјална и меѓукултурна кохезија. Одговорност на секоја индивидуа е да обезбеди континуитет на културните добра и вредности што ги имаат општествата. Kултурното наследство единствено функционира само како канал за одржлив развој преку соодветно образование за да се подигне свеста за неговата важност.

Зошто треба да се изучува културното наследство во примарното образование?

Кога зборуваме за култура и образование, невозможно е да се игнорира врската помеѓу овие два концепта. Од една страна, постои култура, со симболика и бесконечен опсег на значења и содржина; од друга страна, постои човечко суштество способно да ја разбере културата и да ги пренесе нејзините вредности. Така, културното наследство го дефинираме како „мрежа или систем на акумулирано знаење, обичаи, вредности, верувања и модели на однесување со кои треба да се реши основното прашање – нашиот сопствен опстанок“ кој мора и треба да биде темел врз кој се гради едно општество. Темелот е недвосмислено образованието кое ќе произведува квалитет, не квантитет бидејќи културното наследство има суштинска, но и инструментална вредност (економскиот и социјалниот развој), додека пак суштинска вредност е колективната меморија – постулат врз кој се потпира едно општество.

Културното наследството, доколку е соодветно управувано, може да биде од голема важност за зајакнување на социјалната инклузија, развој на меѓукултурен дијалог, обликување на идентитет на една територија. Подобрување на квалитетот на животната средина, обезбедување социјална кохезија и од економска страна стимулирање на развој на туризмот, создавање работни места и подобрување на климата за инвестиции се само дел од развојните процеси. Со други зборови, инвестициите во наследство може да генерираат враќање во форма на социјални придобивки и економски раст.

Какви резултати постигнуваат земјите каде културното наследство се изучува во примарното образование?

Влијанието на образованието во запознавањето и третманот кон културното наследство е еден од главните двигатели за стимулирање на дијалог помеѓу различни културни групи во развиените земји. Негувањето на меѓукултурниот дијалог, културната и социјалната вклученост и создавањето атмосфера на толеранција преку програми во кои се изучува културното наследство. Преку развиените методологии прилагодени во согласност со старосните граници, се формира основа за нов универзален пристап за користење на наследството како инструмент за социјален и образовен развој. Во него перцепцијата за себе, за своето минато, иднина и развој се на посакувано ниво бидејќи преку изучувањето на културното наследство децата во развиените земји учат за материјалното наследство, негов третман, заштита, развој. Но учат и за нематеријалното наследство преку кое се спознаваат себеси, традицијата, обичаите, идентитетот, но и различностите и, што е најважно, учат како да ги почитуваат тие различности. Најдобар пример е германското општество каде еднакво во друштвото партиципираат различни култури, религии, нации, без да се создадат предрасуди и дискриминации. Доаѓаме до клучниот момент.

Како сето тоа се одразува во нашето општетсво, каков е резултатот на терен?

Ако се направи анализа на тема „Културно наследство“ во која ќе бидат опфатени сите возрасни граници кои се или биле дел од примарното образование во последните 40 години, резултатите ќе бидат поразителни. За тоа говорат парцијални емпириски истражувања кои укажуваат на општи елементарни непознавања на термини кои се користат за материјалното и нематеријалното културно наследство. Имено, терминот „антички театар“ е целосно заменет со „амфитеатар“, општата популација речиси и да не е запознаена со фондот и карактерот на движното и недвижно културно наследство што резултира со негово уништување, а со текот на генерациите целосно замирање и бришење од колективната меморија како важен споменик на култура. За народните традиции и духовни вредности ситуацијата е многу позагружувачка.

Според мене, за тоа главен фактор е образовниот процес во кој со децении намерно или ненамерно парцијално се изучува културното наследство во рамки на предметот историја. Тое не е доволно бидејќи методолошкиот пристап на наука како историјата е различан од пристапот на науките како што се археологијата, историја на уметност, антропологијата и сл.

Затоа мора да се нагласи дека, како и историјата, археологијата (но и останатите науки) не изгледа релевантна во нашето современо општество. Всушност, нејзината „корисност“ често се доведува во прашање, што, за жал, е честа ситуација во општествените и хуманистички науки. Заблудите, митовите и полувистините што изобилуваат доведуваат до нереални слики на теренот, како што е онаа на археологот кој се соочува со генерализација во која е класифициран како копач, гробар, планинар, ѓубреџија и сл. Дури во често археолозите се соочуваат со соговорници кои не знаат соодветно да ја толкуваат археологијата, а со самото тоа и културното наследство. Затоа, најчесто археолошката активност е поврзана со ископување, откривање или познавање на антички јазици, барем кога не е помешано со проучување на диносауруси или други елементи надвор од човечката историја.

Бидејќи програми во кои се изучува културното наследство во примарното образование кај нас воопшто немало, не изненадува фактот што општото познавање на популацијата за културното наследство загрижувачка. Оваа оваа состојба јасно укажува дека перцепцијата кај Македонецот за вредностите на културно наследство, било да се суштински или инструментални, со крајна претпазливост може да се оценат како умерени. Сиве аргументи се со намера да се укаже дека факторите кои ја креираат образовната политика во Република Северна Македонија уште еднаш да го разгледаат концептот кој го замислиле и имаат цел да го имплементираат во образованието. И доколку создаваат нови програми, треба да размислат како и каде ќе биде изучувано културното наследство.

Сподели