Во галеријата „Остен“ во Скопје вчера се одржа културна програма со која Остен арт – институција од културата за музејска и галериска дејност и Дипломатскиот клуб Скопје ја официјализираа својата соработка на полето на културната дипломатија на Македонија. Соработката е по повод големите јубилеи на двете организации – 80 години од постоењето на „Остен“ – Скопје – институција со непроценливо културно значење и наследство во македонски и меѓународен контекст, 15 години од основањето на Дипломатскиот клуб Скопје – платформа за дијалог и афирмирање на дипломатските и културните вредности, како и 10 години од издавањето на „Дипломатскиот летопис“ – списание што ја документира историјата на нашата надворешна политика и културна дипломатија.
На присутните им се обратија амбасадророт Јован Теговски (актуелен претседател на Дипломатскиот клуб Скопје) и интернационалниот уметник Мице Јанкуловски (претседател на Остен Скопје).

Беше организирана панел дискусија на тема „Културната дипломатија на С. Македонија: потенцијали, предизвици и перспективи“. Ја модерираше Корнелија Конеска, извршен директор на „Остен“, а свои обраќања имаа Гордана Јанковска, Дипломатски клуб Скопје, Живко Поповски – Цветин, ликовен уметники д-р Пик Кеобандит, главен уредник на списанието за култура и дипломатија “Target Global Magazine“ од Брисел, кој се вклучи онлајн.
-С. Македонија е мала по територија, но со богата културна разноликост, историско наследство и креативен потенцијал. Нашата ликовна уметност, литература, музика, архитектура и традиции се непресушен извор на силни дипломатски пораки. Токму затоа, културната дипломатија треба да се разбере како суштинска компонента на македонската надворешна политика. Нејзиниот долгорочен ефект ќе изостане доколку не е втемелен врз културните вредности и нивната промоција на меѓународен план. Сите сме свесни дека на тој пат се присутни и сериозни предизвици – од недостаток на институционална поддршка и координација, преку недоволно вмрежување на културните актери со дипломатските мисии, до немање долгорочна стратегија – рече Теговски.
„Остен“, чија активност се протега сега веќе 80 години, одговорно и сесрдно ја користи оваа можност. Преку своите светски познати брендови Светската галерија на карикатури и „Остен“ биеналето на современи визуелни уметности, своите амбициозни меѓународни изложби и непоколебливата посветеност на негувањето на уметноста како движно културно наследство, „Остен“ ја претставува нашата земја на глобалната уметничка сцена. „Остен“ преку својата визионерска меѓународна активност ја редефинираше улогата на уметноста во дипломатијата. Со поврзувањето на македонските уметници со глобалната публика и носењето на меѓународни творци кај нас, „Остен“ покажа како институциите од културата можат да послужат како вистински амбасадори – не само за уметност, туку и за дијалог, иновации и влијание, рече Јанкуловски.
За Конеска, „во оваа, за сите учесници на овој значаен културен настан, јубилејна година, додека ги славиме своите достигнувања во областа на културната дипломатија, мора да се запрашаме и како Македонија може дополнително да го искористи својот културен потенцијал? Со какви предизвици се соочуваме во одржувањето и проширувањето на оваа активност? Како можеме да обезбедиме уметниците и културните институции да добијат поддршка во обликувањето на културната дипломатија на нашата нација? И како јавниот и приватниот сектор да соработуваат за да ги засилат овие напори?
Во време кога се соочуваме со предизвици поврзано со признавање на идентитетот и со сложени теми од регионалната и глобалната стабилност, културната дипломатија нуди пат кон поголемо разбирање и соработка, орворајќи можности за економски напредок и меѓународна поддршка. Таа не е само убав дополнителен елемент на надворешната политика, туку стратешка потреба за национален интерес и иднината на Македонија. Има прекрасни примери на успешни настани и иницијативи во нашите дипломатски претставништва, но потенцијалот на Македонија е огромен и сеуште не целосно искористен – вели Јанковска.
Како експерт за уметност и културна дипломатија, со задоволство учествувам на оваа панел-дискусија на тема „Културна дипломатија на Северна Македонија“ во Остен. Имам среќа што веќе неколку пати го имам посетено Скопје, последен пат како член на жирито за Остен Биеналето 2024, рече д-р Пик Кеобандит.
-Скопје сум го посетил и како алпинист кој ги запозна прекрасните планини во С. Македонија, но исто така го истражував и Скопје, град обновен според урбанистички проект на познатиот јапонски архитект Кензо Танге и кој го доловува духот на бруталистичката архитектура. Го посетив Музејот на современа уметност во Скопје, прекрасната зграда на врвот на ридот подарена од Полска во 1970 г., по земјотресот што го погоди градот во 1963 г. во која се наоѓа извонредна колекција воглавно создадена преку донации од уметници од целиот свет, изразувајќи ја нивната солидарност со македонскиот народ. Овие два примери покажуваат како Македонија е отворена и не се плаши да комуницира со други култури. Забележав дека користи мека моќ за да изгради прогресивно општество, дијалог и подобро разбирање меѓу земјата и остатокот од светот – рече Кеобандит.

Во „Остен“ е отворена и изложбата „Цвеќе на мирот“ на Живко Поповски-Цветин. Над 55 000 слики авторот досега има подарено и се наоѓаат во колекциите на познати државници, политичари, поети, музичари, нобеловци, студенти и ученици, артисти, спортисти и разни хуманитарни организации и здруженија. Досега Поповски има организирано над 300 изложби во земјата и во странство, меѓу кои во Полска, Канада, Германија, Романија САД, Хрватска, Србија, Италија, Австралија и др. Во 2009 година Поповски беше кандидат за Нобелова награда за мир, каде од 205 кандидати, беше меѓу првите 5 во потесен избор.
Во „Остен“ се изложени 38 слики – цвеќиња на мирот, како и избор од документарни фотографии и промотивен материјал од настани низ целиот свет, со која уметникот одбележува 40-години од неговата активност во сферата на културната дипломатија.
Изложбата ќе биде отворена до 27 јуни.





