Културата годинава ќе се слави во Крушево

Крушево е „Град на културата“ во 2023 година, соопшти Министерството за култура. Во конкуренција за манифестацијата биле и општините Струга и Маврово-Ростуше.

– По извршената евалуација на пријавите, стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Крушево понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници – велат од Министерството.

Во програмата се содржани 62 проекта од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори.

Општина Крушево ќе ги стави во функција инфраструктурните и човечките капацитети и ќе овозможи реализација на богати културни содржини во текот на целата година, како и меѓународна поврзаност и соработка во рамките на културата.

Манифестацијата „Град на културата“, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира во 2004 година и оттогаш општините континуирано учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани.

Фото: Милован Ковачевиќ/Википедија

Сподели