Кукла робот предупредува за опасноста од лажните вести

Интерактивна инсталација „Кукла Робот кој предупредува на лажни вести“, која е развиена во соработка со младиот уметник Озбек Ајваз, е поставена во центарот на Скопје на влезот на Градскиот трговски центар (од страната на плоштадот). Во наредниот период ќе биде поставено и на други фреквентни локации каде минувачите ќе имаат можност за кратка интеракција со делото. Инсталацијата  се состои од кукла совградени интерактивни сензори и звучници преку кои куклата ни ја раскажува приказната како да се заштитиме од лажните вести и како да ги раздвоиме лажните и вистинските вести и информации. Акцијата, односно интерактивната скулптуралната инсталација е изработена во различен материјал и е со димензии 40 х 90 х 180 см.

Уметничката акција на Центарот за современи уметности „Кукла Робот кој предупредува на лажни вести“ претставува просторна интерактивна уметничка акција и интервенција преку која ја третираме и потенцираме важноста на темата на лажните вести кои нѐ опкружуваат и влијаат на нашите ставови и перцепции. За жал, лажните вести се присутни насекаде околу нас и често оневозможуваат цели групи и заедници да ја видат вистината, заслепувајќи ја јавноста со шарени лаги спакувани во лажни вести на кои наседнуват голем број граѓани, велат организаторите.

Преку оваа интерактивна акција во која публиката директно се предупредува за постоењето и намерата на лажните вести, а куклата робот го објаснува начинот на кој тие се презентираат и влијаат на јавноста ЦСУ директно користејќи ја уметноста и уметничкиот израз активно се вклучува во борбата против лажните вести кои однатре го нагризуваат нашето општествто насочувајќи ги граѓаните кон погрешни заклучоци.

Самото уметничко дело односно куклата во своето обраќање до публиката потенцира дека лажните вести се креираат со цел да ја дезинформираат јавноста и да ги наведат луѓето на погрешни заклучоци кои влијаат на однесувањето на јавноста, водат кон поларизација на општеството со цел да се предизвикаат поделби и конфликти, ширење паника и намалување на довербата во медиумите. Куклата робот исто ги предупредува граѓаните и дека лажните вести се користат и за политичка манипулација и влијание врз јавното мислење.

Сподели