Куќички за птици ќе бидат поставени во ЗОО како дел од проект на Националната галерија

Проектот „Птици“ на Националната галерија, во соработка со Зоолошката градина Скопје и Машинскиот фкаултет отсек Индустриски дизајн ќе биде промовиран денеска во 10.30 часот во Зоолошката градина. Изложбата е во чест на Меѓународен ден на лицата со аутизам. Учествуваа деца од различни училишта, различна возраст, деца од редовна настава и деца со попреченост, од ОУ „Невена Георгиева Дуња“, средното училиште „Цветан Димов“, „Св. Наум Охридски“ и студентите од Машинскиот факултет отсек Индустриски дизајн.

Низ неколку планирани работилници се развиваше еколошка свест кај најмладите, но и меѓусебно запознавање на едни со други. Денеска ќе бидат поставени изработените куќички за птици на неколку локации низ ЗОО. Проектот е поддржан од Министерството за култура.

Проектот „Птици“ го започнавме на првиот ден од пролетта со посета на Зоолошката градина, каде што се запознавме со различните видови птици, нивните специфики, местата од каде што потекнуваат и со сето она што ги карактеризира. Инспирирани од нивните живеалишта, посакавме да направиме и ние куќички во кои големиот број врапчиња и славејчиња ќе може да се засолнат и да се чувствуваат заштитено. Благодарение на студентите од Машинскиот факултет – Скопје кои ги изработија куќичките, децата имаа несекојдневно искуство – куќичките од делови да ги состават и да ги декорираат со еколошки материјали. Беа користени материјали од природата, шишарки, семки, цвеќиња, кора од дрва, струготини… Проектот е инклузивен и во него учествуваа учениците со попреченост од училиштето „Св. Наум Охридски“, учениците од средното училиште „Цветан Димов“, како и од ОУ „Невена Георгиева-Дуња“. Сите заедно, сплотени како јато птици, уживаа во работата и креирањето на овие куќички, кои на крајот ќе бидат поставени на места каде што нивните пријатели – птиците ќе уживаат во своите нови живеалишта.

Проектот започна со прошетка во Зоо градината. Потоа следеше работилница за изработка на куќичките во Чифте амам. Децата имаа задача од веќе подготвени делови ги состават куќичките,а потоа истите да ги декорираат. Се користеа исклучиво еко материјали како живеалиштата би биле комплетно природни за птиците. Во рамки на настан под наслов „Тука сме, заедно сме, а можеме повеќе“ беше презентиран самиот еколошки проект во училиштето домаќин „Св. Наум Охридски“, со кои, ние како институција, имаме долгогодишна соработка.

Сподели