Ви пренесуваме необјавен расказ од автор(ка) кој(а) реши своето дело да го потпише под псевдоним.
Пишува: Пиле Шарено
Една млада убава жена, со кадрава костенлива коса и американски акцент кога се обраќаше на луѓето од локалното место, стоеше под висок бор, со раскошна крошна, во дворот на куќата што ја наследи од дедо ѝ, угледен хирург. Игличките и шишарките беа уредно собрани во вреќи, како сведоштво дека некој скоро боравел тука. Дворот беше широк, со дрвена ограда, а воздухот мирисаше на свежа боровина и билки. Беше топло лето. Ладовината, тишината и цвркотењето на птиците ѝ годеа на младата жена. Тукушто, набрзина, ја напушти запурната и забревтана Калифорнија и отпатува преку Атлантикот, во спокој да размисли што ќе прави понатаму во животот. Неодамна стекна диплома на наставник по англиска литература-cum laude-и објави неколку раскази во локалниот весник, но не беше многу среќна. Ја наследи емотивната природа на деда си и знаеше често да избувне, особено кога со човекот што го сакаше зборуваа за нивната заедничка иднина. „Животот Мери ти е mess“, си рече и ги спакува куферите. Сега стоејќи тука во дворот на дедо ѝ кој многу го сакаше, внимателно погледна околу себе. Ѝ падна во очи необичниот знак на кората на високиот, разгранет бор. Се доближи да утврди дали ѝ се причинило. Сетилата сепак не ја беа изневериле. Забележа отпечаток на дланка. Помисли, дали знакот, можеби, неа ѝ е упатен? Младата жена не беше суеверна, туку само вљубена.
Меѓу неа и него, сè почна ненадејно и силно. Се сакаа, но не можеа да бидат заедно. Тој беше женет иако со жената живееја одвоено. Таа пак, млада се омажи, зашто тоа така се правеше во времето и средината во која одрасна и сега се прашуваше што прави во брак без љубов. Иако се знаеја одамна, оганот меѓу нив пламна при случајна средба на едно од градските ќошиња. Сипеше летен дождец и тој отрча по чадор да не накиснат. Од тој момент, си пишуваа секојдневно. Тој од својата планинска викенд-куќичка, таа од станот во една градска повеќекатница.
– „Колку би сакал да си тука, па да те ,свалкам‘ под највисокиот и најраскошниот бор, што го гледам од прозорец.“ Уличниот говор, како на пример „свалкам“, беше дел од неговиот шарм.
– „Како ќе ме свалкаш под борот“, се смееше таа, „кога има иглички, ќе ме боцкаат, особено ако сум свлечена заради горештините…“
– „Зар се свлекуваш само кога е горештина?“ доби повратна порака и се насмеа.
– „Па… да речеме, се свлекувам и во други прилики ама никогаш под бор…“.
– Не бери гајле, ќе ги исчистам убаво игличките, а тебе ќе ти наместам мека постела под борот… Имам солиден аргумент зашто ќе те свлечам: не ќе можеш да ми избегаш.“
– „Уште подобро, тогаш, врзи ме за борот, створен е за бондиџ!“ го задеваше таа.
– „Гледај ја ти неа… бондиџ…! Не ли ти е срам, учителке“?
Понекогаш, на шега ѝ се обраќаше со звањето од нејзината диплома: „учителке“!
Ги следеше сите новости за крајот каде тој боравеше. Ако избувнал во близина шумски пожар, загрижено му пишуваше:
„Како е мојот бор, се плашам да не изгори?“
„Добар е, не ќе изгори тој од оган, туку само од твојата љубов“, со многу дух ѝ одговараше на прашањето.
– „Ме стави на мисла… Ако љубовта e жешка, борот може да се потпали, а ако љубовта остине, борот ќе куртули, што е полошо?“, реторички прашуваше, колку да праша. Беше вљубена во него.
– „Ниту борот ќе се потпали, ниту љубовта ќе остине. Туку да напишеме ние заеднички расказ и да го насловиме, „Борот под кој, моето пиле шарено умре од љубов‘“, се задеваше тој.
Иако борот полека стануваше симбол на нивната љубов, таа знаеше дека никогаш нема да ја однесе на местото кое некогаш го сметаше за „семејно светилиште“. Затоа се збуни кога еден летен ден ѝ предложи да отидат до борот. „Ќе ја крадеме нашата среќа. Дури и крадците се оддолжиле за тоа што го прават, не пак ние“. Не ѝ беше докрај јасна смислата на овие зборови, но го сакаше и натаму не прашуваше. Му беше благодарна.
Борот се покажа не помалку раскошен отколку во нејзината фантазија. Стоеше извишен, разгранет, со длабоки корени, пуштени на зелената платформа издигната, „ни на небо, ни на земја“. Но имаше нешто необично, кај него. За разлика од другите дрвја, борот беше свртен кон куќата и чиниш гледаше право во осветлениот прозорец, каде еден строен маж во години со побелени веѓи и сребрена брада и една, возрасна, сè уште убава жена со долга коса до половина, се држеа за раце и вљубено се гледаа во очи. Глетката беше трогателна, оти знаеја, како што борот знаеше дека тоа е најмногу што можат да очекуваат од животот. Немаше време за нови почетоци. Потоа мажот излезе и започна да ги собира игличките и шишарките и уредно да ги складира во вреќи. Жената излезе по него. Полека се доближи до борот и нежно, речиси побожно го допре. Борот ја разбра. Траг од дланка се исцрта врз неговото стебло. Последниот разговор што го водеа меѓу себе, беше дека тој со тестамент и ја оставил куќата во наследство на неговата сакана внука од Калифорнија, која ја одгледал од мала.
Мери, така се викаше внуката на операторот, погледна уште еднаш кон борот. „Благодарам, сепак е тоа знак за мене“. Отрча во куќата, го дофати телефонот и сврте еден број во Калифорнија: „Прости ми што се налутив и така наврапито, без поздрав, отпатував. Чекај ме, се враќам… Те сакам.“
Насловна фотографија: Генеририрана со ВИ (Chat GPT). Промпт: Весна Ивановска-Илиевска





