„Кучиња што сонуваат“: Необична љубов на маргините

Ви споделуваме рецензија за австриско-германскиот филм во режија на Елса Кремер и Левин Петер, што ќе биде прикажан на „Македокс“, утревечер во 20.30 часот, на платото пред Куршумли ан 

Пишува: Филипа Сара Попова, Гледај.мк

„Еднаш многу одамна, звуците на безброј фабрики одекнуваа низ северната страна на Москва. Кога паѓаше ноќ, улични кучиња ги чуваа тивките ходници… генерации кучиња живееја таму додека еден ден фабриките не ги затворија своите порти. Работниците заминаа, кучињата останаа… Но, еден ден, некои од претходните работници се вратија, бидејќи новата Москва не ги сакаше. Сега, луѓето бараа засолниште, како што се придружуваа на кучињата кои талкаа по улиците“ , кажува со иронично-бајковит стил воведниот текст на почетокот на „Кучиња што сонуваат“.

Документарецот не продолжува со фокус врз приказната за фабриките или, пак, причините зошто многу поранешни работници се отфрлени од градот. Истовремено, тешко е да се одреди филмското време и место, нештата се прикажани хаотично, а доминираат и лириката и сентименталноста. Сепак, причината за таквата динамика лежи во тоа што целиот филм е снимен од „кучешки“ ракурс. Режисерите Елса Кремер и Левин Петер одлучуваат да ја прикажат трагичната ситуација преку една навидум мала приказна за група сонувачи – грижливата баба Надежда и неколку талкачки кучиња. Држејќи се до видното поле на едно куче, храбрата кинематографија на Рунус Рој Имер се втурнува право во тој свет така што гледачот се доживува себеси како член на малата слатка „банда“. И покрај ограничувањата со кои сигурно се соочувал снимајќи од кучешка перспектива, Имер гради комплексна слика, богата со пејзажи од природа, како и напуштени урнатини и ѓубре. Слика која истовремено ја прикажува симбиозата на Надежда со кучињата, но и нивната тешка општествена позиција.

Приказната е нежно преплетување на разни секојдневни ситуации и постепено продлабочување на интимниот однос меѓу кучињата и Надежда. Гледајќи преку очите на Динго и останатите кучиња, гледачите самите ќе се заљубат во протагонистката и тие ќе почнат да ја доживуваат како една прамајка со безизмерна грижа и мудрост. Затоа што филмот не само што е општествено-ангажиран поради прикажување на бездомничкиот живот околу фабриката, туку ја нагласува и важноста на заедништвото. Кучињата и бабата преживуваат од собирање отпад и се оставени на маргините, но вистинската љубов која ја имаат едни за други ги збогатува и ги одржува во живот. Документарецот покажува колку навистина длабока, комплексна и моќна може да биде поврзаноста меѓу различни живи битија. А неоткажувањето на главната протагонистка, како и способноста да се пронајде и негува љубовта во најужасните околности, буди заплеткано слатко-горко чувство на восхит и тага.

„Кучиња што сонуваат“ е бавен филм, а освен иронично-бајковитиот опис на почетокот, други видови директно обраќање или патокази за анализа нема од документаристите. Со тоа, на гледачите им е оставен голем простор за интерпретација, па секој може на сопствен начин да се продлабочи во трогателната приказна за Надежда, верното куче Динго и останатите. Може да ја раскопувате идејата за интимност, да размислувате за преживувањето на маргините и политичкиот аспект или едноставно, да талкате низ контрадикторни пејзажи преку погледот на група заборавени кучиња. Совршен филм за сите што сакаат да ја најдат убавината во ужасот, да ја разискрат својата емпатија или да дознаат повеќе за маргинализираните перспективи.

Сподели