Крушевската Република била поставена на длабоки демократски принципи

Штабот на востаниците ја претставувал воената власт во градот. За избор на другите организации на револуцијата било свикано Собрание на истакнати граѓани, претставници на сите народности што живееле во Крушево

Илинденското востание опфаќало поширока триторија, но најдобра организација за успешно изведување била спроведена во крушевскиот реон, пишува во книгата „Историјата на македонскиот народ“, тритомно издание на Институтот за национална историја од 1969 година. Осуммина автори го напишале вториот дел во кој спаѓа и почетокот на 20 век, а во пишувањето за случувањата во Крушево во 1903 година учествувале Љубен Лапе и Христо Андонов-Полјански.

Македонија денеска одбележува 118 години од почетокот на Илинденското востание и 77 години од одржувањето на АСНОМ. За еден месец ќе одбележиме уште еден значаен јубилеј – 30 години независнот. Во година во која самостојна Македонија се соочува со низа неизвесности што ја потврдуваат синтагмата дека историјата се повторува, се осврнуваме на дел од „Историјата на македонскиот народ“ и раѓањето на Крушевската Република.

Крушево пред востанието

По Смилевскиот конгрес, крушевските револуционери најактивно се подготвувале за востание. Особено големо внимание било посветено на воената подготовка на револуционерите и нивното вооружување. Бил подготвен план за заземање на Крушево, а заради ефикасност, вооружената сила била распоредена на осум револуционерни одреди под раководство на искусни војводи.

„Секој одред добил точно определен пункт во градот каде во определен момент, според оперативно-стратешкиот план требало да ја извршат договорената операција за заземање на градот. Два дена пред почетокот на востанието, војводата Никола Карев како началник на Горското началство слегол во Крушевската рамнина и ги распределил револуционерните сили во полските села. По ова во Беринската Корија се собрале сите војводи со своите чети. Тука за последен пат биле издадени упатствата за нападот врз градот. Штабот на крушевските востаници со специјален проглас го објавил почетокот на востанието, каде се повикувало сето насление да се дигне на востание за освојување на слободата. Прогласот завршил со извикот ,Да живее Македонија’“!

Одредот на војводата Алабакот

Акциите за заземање на Крушево почнале ноќта на 2 август. Прво со секири биле пресечени телефонските столбови надвор од градот, па почнало тактичкото заземање на градот. Биле нападнати клучни точки: касарната, поштата, општината и други установи. Особено тешко било заземањето на касарната каде имало 60 турски војници. Нападот на овој објект го извел одредот на војводата Алабакот. Борбата траела скоро цел ден и на крај зградата била запалена.

На 3 август Турците се обидувале наколку пати да нападнат, но биле одбиени. Истиот ден градот бил наполно ослободен. Штабот на крушевските востаници влегол во градот и победата била обезбедена.

„Со овој голем чин на македонската револуција дошле до израз вековните желби на македонскот народ за слобода. Во ова македонско катче таа била остварена. Со тоа Илинденската револуција бележела врвна победа, дошле од израз стремежите за слобода и самостоен живот“, пишува во книгата.

Првата задача на револуционерната власт била да избере револуционерни органи. Штабот на востаниците ја претставувал воената власт во градот. За избор на другите организации на револуцијата било свикано Собрание на истакнати граѓани, претставници на сите народности што живееле во Крушево.

Куќата каде била прогласена Крушевската Република

„Овој највисок орган составен од 60 луѓе го сочинувал Советот на Републиката. Најголема улога во прогласувањето на Републиката одиграл идеологот и организатор, социјалистот Никола Карев (1877-1905). Со таа негова дејност и со учеството во револуционерната власт и на други социјалисти и револуционери, Крушевската Република била поставена на длабоки демократски и републикански принципи“, пишува во книгата.

Секој член на Владата вршел определена фукција. Како помошни тела биле формирани комисии и тоа за снабдување и исхрана; за одржување на внатрешниот ред и поредок; за облека; за здравство; и за финансии. Судските функции ги извршувал специјално формиран воен суд. Покрај Советот, како орган на демократско-револуционерната и републиканската власт била избрана и привремена Влада составена од 6 члена. Претседател на Владата бил Вангел Дину, кој бил одговорен за судството. Ѓорѓи Чаче бил одговорен за реквизиција, Теохар Нешков – за финансии, Христо П. Ќурчиев – за внатрешните работи, Димитар Секулов – за прехраната, а Никола Баљу – за санитетот. За претстедател на Крушевската Република бил избран Никола Карев.

Фото: Wikipedia

Сподели