Од 23 до 27 јуни, повеќе од 70 научници од 20 земји од целиот свет се собраа во Крушево на Третата светска конференција за религиски дијалог и соработка, каде што се сретнааа за да дискутираат за горливите религиски
конфликти во светот.

– Во духот на визијата на нашите предци, прогласена во манифестот на Крушевската република во 1903 г., која иако траела само 10 дена, во време на кралства, за првата Република на Балканот, особено повикот за религиска толеранција, нагласувајќи мирен соживот меѓу христијаните и муслиманите во време на востание, отфрлајќи ја верската омраза, визија што ги повикува сите верски заедници да се обединат во борбата за слобода и правда, визија за заедничко и инклузивно општество. Визијата останува иста и по 122 години, од истото место се надеваме дека ќе одекне Декларацијата усвоена од научниците од областа на религијата од целиот свет – велат учесниците на конференцијата.
КРУШЕВСКА ДЕКЛАРАЦИЈА 2025
Религијата често се перцепира како проблем. Конференцијата истражуваше како религијата може да се претвори во ресурс за меѓународен дијалог и мир. Свесни дека не можеме да ги решиме сите проблеми, како научници веруваме дека создавањето простори за дијалог меѓу и во рамки на религиите нуди вредни можности за промовирање на мирот.
Денес религијата често се злоупотребува за политички цели и за поддршка на војни, додека секуларните идеологии се обидуваат да ја исклучат религијата од јавната сфера. Прогонството и дискриминацијата на религиските малцинства продолжуваат во различни делови од светот. Од религиите се очекува да бидат глас на мир, простување, соживот, толеранција и разбирање. Суштината на религијата е да се слави создавањето на светот, а не неговото уништување. Сепак, религиите создадоа поделено општество, со поделени идентитети, поделено образование, поделени лојалности, поделени светогледи – што може и често води кон поларизација и конфликти. Наместо тоа, религиите можат да промовираат вредности што обединуваат и инспирираат успешни меѓурелигиски односи.

Кои сме ние? Ние сме научници од областа на религијата. Што сакаме? Мир меѓу религиите, духовните движења и aтеистите. Што правиме? Од 2019 година одржуваме годишна конференција во Македонија – мултирелигиска, мултикултурна и мултиетничка земја – каде што ја дискутираме улогата на религиите во глобалниот и поделениот свет.
Ги покануваме сите научници од областа на религијата, како и верските лидери да ни се приклучат кон оваа конференција и визија. Се надеваме дека ќе ни се придружите.
Центар за интеркултурни студии и истражувања, Филозофски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје wcrdc@fzf.ukim.edu.mk





