Работилницата предводена од Елена Бојаџиева-Цветковска, проследена и со изложба насловена ,,Кршење на обрасците’’ се реализира во Кинотеката. Самата изложба ги истражува и испитува перцепциите за ,,машки’’ и ,,женски’’ професии и дали постои фактор кој го попречува нивниот развој. Портретирајќи лица со различни професии, се опфатени жени кои работат професии кои се сметаат како типично машки и обратно, објаснува Бојаџиева-Цветковска.
– Со цел да се нарушат ваквите практики кои се сметаат за дискриминаторски, пронајдовме модели кои стојат цврсто и одлучно во својата професија, притоа свесно или несвесно рушејќи ги родовите стереотипи, објаснува Бојаџиева-Цветковска.
Работилницата што Бојаџиева-Цветковска ја одржа во Кинотеката е дел од проектот „Подемот на жените во културата на Западен Балкан“ и обединува различни експерти од културната сфера на социјалната реалност. Почнувајќи од уметноста и креативниот аспект и реагирајќи на модерното време, идејата за движење се прошири на различни области на културата и образованието. Иницијатор на проектот е Билјана Јотиќ, кураторка од Белград, а партнери се две организации од Србија – асоцијацијата „Fenomena“, која е водач на проектот и Beoart contemporary, Асоцијација Призма од Хрватска, невладина организација СПЕС од Црна Гора, Локарјева Галерија од Словенија и Здружение СЕНСУС од Македонија.
Овој проект се заснова на идејата за жената како субјект во процесот на создавање и предмет во процесот на набљудување. Оттука произлегува потребата од истражување на идентитетот во современата визуелна уметност. Фокусот е насочен кон сегашниот момент и сведочи за внатрешното битие на жените и за односот на индивидуалното уметничко суштество со колективното, социјалното и културното и обратно. Во тесна соработка помеѓу уметниците и кураторите, може да се најде специфичност во однос на аголот на набљудување и пренесување на пораката поврзана со сегашното време. Појдовна точка е соработка и вмрежување во регионот и пошироко.
Д-р Иванка Апостолова Баскар
Освен работилницата со Бојаџиева-Цветковска, се одржаа и патувачка изложба во сите пет земји, за која беа избрани уметници со препознатлив и различен идентитет на жените во визуелната уметност, како и работилница на д-р Иванка Апостолова Баскар, за искуствата во меѓународните вмрежувања.