Кривопаланечките староградски песни овековечени во книга

Со силни аплаузи и честитки беше дочекано првото печатено издание на кривопаланечките староградски песни приредено од Филип Додевски, кое беше промовирано пред преполната сала во Центарот за култура од Крива Паланка. Книгата содржи вкупно 17 автентични песни со текст и нотен запис, како и фотографии кои се трајно сведоштво за историјата и растежот на КУД „8-ми Октомври“ и КУЗ „Распеани паланчани“, кои веќе 50 децении ја негуваат и чуваат староградската кривопаланечка музичка традиција.

– Имав желба песните да ги подготвиме во едно издание, но и да се даде освртот на градската кривопаланечка традиција. Покрај стиховите на песните, дигитализиравме, преработивме и ги доработивме нотните записи што ќе останат за музичарите како материјал со кој можат да се служат и по 100 години. Многу ми е мило што покрај песните успеавме да пронајдеме, да обработиме и да ги забележиме и ликовите на пејачите и членовите на староградското друштво низ генерациите, а фотографиите соодветно да бидат реставрирани, обновени и овековечени за идните генерации – истакна Додевски.

Книгата се продава по симболични 200 денари кои одат во фондот за собирање средства за купување концертен клавир, со што ќе се создадат услови за збогатување на културната и концертна програма на Крива Паланка.

Песните се инсирирани од вистинити настани и личности од кривопаланечкиот градски живот во минатото. Како што вели д-р Јордан Михајловски кој го има напишано освртот за кривопаланечката традиција и естетската анализа на песните сместени во книгата, тоа е аманет што треба сите да го понесеме во иднината, ако сакаме да бидеме препознатливи во времето.

– Книгата е компилација од повеќе содржини, ноти, автентични записи, текст, чиј автор е народниот гениј, фотографии и пригоден текст. Мислам дека оваа книга има големо значење, бидејќи во себе ги сублимира сите аспекти на староградската традиција. Како таква ќе биде предизвик за оние што се занимаваат со музика, ќе биде предизвик за нашата колективна меморија, за се’ што се случувало низ традицијата да го пренесеме како знаци на патот за идните генерации – истакна Михајловски на промоцијата.

Тој подвлече дека создадените околу 50-ина песни за кривопаланечкиот крај од кои 17 се внесени во книгата, претставуваат колосално дело за македонската култура и македонската културна ризница.

– Песната живее само тогаш кога се пее и тогаш таа е бесмртна – рече Михајловски.

Драган Величковски, еден од уредниците на книгата, истакна дека таа е резултат на двегодишна макотрпна работа и вложен труд во собирање, документирање и уредување на песните.

– Беше потребно време и трпение да се соберат, обработат и соодветно да се уредат староградските песни. Ги баравме старите записи, беа спроведени интервјуа, ја документиравме староградската традиција низ фотографии, податоци и релевантни извори, за денеска да го имаме она што е пред нас – првото печатено издание за кривопаланечката староградска песна – рече Величковски.

Издавач на книгата „ Кривопаланечки староградски песни“ е Општина Крива Паланка, а промоцијата е дел од манифестацијата „Крива Паланка-Град на културата 2024“.

Настанот беше збогатен со настап на КУЗ „Распеани паланчани“ и КУД „8-ми Октомври“. Книгата се продава по симболични 200 денари кои одат во фондот за собирање средства за купување концертен клавир, со што ќе се создадат услови за збогатување на културната и концертна програма на Крива Паланка.

Сподели