Крива Паланка за миг се врати во средниот век

Како се прават врвови за стрели и копја, секири, боздогани и ножеви, како во средниот век се шиела облека, што јаделе луѓето, каков накит изработувале. Публиката викендов имаше несекојдневна можност да се врати во средниот век и да искуси како се живеело во тие времиња. Средновековното село беше поставено на кејот на Крива Река, под градскиот плоштад каде се одржуваа концерти и други настапи во рамките на Средновековниот фестивал што првпат се одржа во Крива Паланка.

Пенко Цанков од Варна, Бугарија, демонстрираше како со примиттивни алатки се изработувало оружје и орудие. Тој е сопственик на Работилницата за историски реконструкции и реставрации „Технитар“ од Варна.

Пенко Цанков

– Не можете да знаете како се произведувало оружјето во минатото ако не фатите чекан и железо в рака. Едно е теоретското знаење, но сосема друго практичното – вели тој додека го разгорува огнот каде го усвитува железото.

На друг штанд жена која многу потсеќа на царицата Теодора шие облека. На трет се продава накит, подолу дрвени садови. Во позадината, од плоштадот се слуша нордиска музика што ја изведува групата „Фреја“.

Фестивалот го организира Градскиот музеј на Крива Паланка во рамките на прекуграничниот проект „Одржливо користење на културното наследство на Дупница и Крива Паланка“ кој двете општини го спроведуваат веќе две години како дел од ИНТЕРРЕГ ИПА програмата меѓу Македонија и Бугарија. Покрај гостите од Бугарија, во фестовалот беа вклучени и музејски работници од музеите од Лесковац, Србија, Ќустендил, Бугарија и од Виница.

(В.И.И.)

Сподели