Втората информативна сесија ќе се одржи денеска во 11 часот во театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“ во Велес

Информативна сесија за програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура се одржа вчера во Музејот на македонска борба во Скопје, на која здруженија на граѓани, креативци, културни работници можеа да слушнат нешто повеќе околу тековните повици. Програмата ја спроведува Министерството за култура, и е наменета за културните и креативните сектори. Серијата инфо-сесии ќе продолжи во повеќе градови периодов, а денеска во 11 часот ќе се реализира и во Велес, во театарот „Јордан Хаџиконстантинов-Џинот“.

За време на сесијата, Билјана Прентоска од Министерство за култура – Одделение за Креативна Европа на ЕУ – Потпрограма Култура, ги презентираше повиците за категориите „Проекти за соработка“ и „Циркулација на европски книжевни дела“ за оваа година.

– Целата програма ја спроведува Министерството за култура преку Одделението за „Креативна Европа“ – потпрограма Култура. Културните и креативните сектори опфаќаат голем број на сектори, дисциплини и организации. Можат да бидат владини, невладини, локални или образовни установи, приватни организации или приватни бизниси, кои делуваат во креативните и културните сектори, изјави Прентоска пред почетокот на информативната сесија.

Таа напомена дека дијапазонот на апликантите е навистина многу широк, дури, како што рече, не мора да се специфизирани конкретно за културните и креативните сектори. Но, доколку можат со нивната активност да дадат придонес во овој сектор, добредојдени се да аплицираат.

Програмата „Креативна Европа“ – потпрограма Култура е за наредниот седумгодишен циклус, односно завршува во 2027 година. Краен рок на поднесување на апликациите е 23 февруари.

– Втората категорија е категорија за „Циркулација на европски книжевни дела“, по претходната програма од нашиот издавачки сектор, затоа што тие беа потенцијалните апликанти, и позната беше како категорија за литературни и книжевни преводи. Новата програма има нови финеси, нови приоритети, нов начин на поднесување на електронската апликација – додаде Прентоска.

На сесијата, меѓудругото и Здружението за мултиетничко музичко образование „Рома Рок Скул“ – Скопје го претстави проектот „Музиката поврзува: Рок музиката поттикнува инклузија низ Европа“, а своите проекти ги претставија и двата културни оператори „Бата пресс милениум“ и Друштвото за издавачка дејност „Сказнувалка“. Тие низ своите искуства пренесоа со какви предизвици се соочувале, но и дадоа совети за иднините заинтересирани.

Серијата информативни сесии ќе продолжи утре во Tетово и Гостивар, а на 27 јануари ќе биде организиран информативен настан во Штип.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.