Пишува: Љубица Ангелкова
“Who is it that can tell me who I am?” ова прашaње на Лир е можеби едно од најфундаменталните прашања за идентитетот поставени во кое било дело на големиот драмски писател — Шекспир во ново светло на светската премиера на „Крал Лир“ во Македонија. Завчеравечер, во топлата охридска јулска вечер, се бараше билет повеќе за „Крал Лир“ на Охридско лето. Се случи светската премиера, но се случи и извонредна реинтерпретација на класичната трагедија на Шекспир, поставена на евокативната позадина на дворот на црквата Света Софија.
Во режија на познатиот Џон Блондел, познат по неговите иновативни продукции на Шекспир ширум светот – од сончевата Калифорнија до егзотичната Кина, па дури и во култниот театар „Глоуб“ во Лондон – оваа постановка навлезе длабоко во темите на слепилото и идентитетот, резонирајќи искрено со современата публика.

Поставувањето на претставата во историскиот амбиент на Света Софија додаде длабок слој на искуството. Дворот на црквата, со својот духовен амбиент, го надополни наративното истражување на човечката слабост и за неверојатниот тајмлапс на животот, создавајќи симболична тежина на претставата, нагласувајќи ги темите на наследството, загубата и потрагата по вистината.
Режијата на Блондел ми е позната, сум гледала неколку негови претстави и бескрајно го почитувам неговиот печат како режисер. Очекувајќи го „Крал Лир”, размислував какво впечатливо модерно толкување на поимот слепило ќе даде режисерот, не само како физичка состојба, туку како метафора за подлабокото, внатрешно слепило што го замаглува судот и перцепцијата кај луѓето. Приказот на Лир на Ирвин Апел, фантастично го долови ова слепило, илустрирајќи ја трагичната неспособност на кралот да ја види вистината кај оние околу него. Неговиот настап беше моќен и потресен, нагласувајќи ја деструктивната моќ на гордоста и погрешните проценки. Режисерот даде нова визура на познатиот текст, дефинитивно.
Продукцијата на „Лит мун театар“ збогатена со соработката на уметници од Македонија, Ерменија, Финска и САД, беше визуелно неверојатна, со костими и сценографија на познатиот дизајнер Благој Мицевски, долгогодишен соработник на Блондел. Делото на Мицевски, интегрирајќи ги културните и историските елементи, создаде живописна визуелна нарација која беше составен дел на раскажувањето. Употребата на природните и архитектонски карактеристики на дворот на црквата дополнително го продлабочи потопувањето на публиката во светот на претставата. Музиката беше авторска фузија на Џејмс Коноли кој ја изведуваше во живо на сцената на различни древни, но и нови инструменти. Имав впечаток дека го имаме Џони Гринвуд на театарската сцена. Музика која заслужува посебна анализа и признание.
Интерпретацијата на Блондел го нагласи егзистенцијалното јадро на делото на Шекспир, претставувајќи го „Крал Лир“ како безвременска рефлексија на човековата природа. Централната тема на внатрешното слепило, истакната преку паралелните приказни на Лир и војводата од Глостер, силно одекна, предизвикувајќи ја публиката да размислува за сопствените перцепции и заблуди. Ова ново читање на класичната драма предизвика внимателен ангажман, правејќи го релевантен за современите сензибилитети.

Актерската екипа на ансамблот испорача моќни изведби, со генијална навигација во сложениот емотивен пејзаж на претставата со вештина и чувствителност која ги заслужи овациите на крај. Трагичните ликови на Лир и Глостер, одиграни на древните камени плочи на Света Софија, дадоа неверојатна магија што ја издигна целата продукција, на поинаков начин.
“The weight of this sad time we must obey. Speak what we feel, not what we ought to say” …. оваа постановка на „Кралот Лир“ не беше само театарска претстава, туку извонредно искуство, спојувајќи го шекспировското и модерното, духовното и световното. Послужи и како моќен потсетник за трајната релевантност на делото на Шекспир и безброј начини на кои може да се толкува и разбере. Додека актерите ги фаќаа последните наклони после неколку враќања на сцената, беше јасно дека овој „Крал Лир“ останува во меморијата на публиката.
Ќе се игра по светот, само без амбиентот на Св. Софија. Знаејќи го Блондел, знам дека ќе успее, да ја креаира таа магија на простор и на други географски широчини. Со нетрпение ќе ги очекувам неговите постови по социјалните медиуми од „животот” на Лир ширум светот.





