Многу логоа што и до ден-денес институции или фирми ги користат, се всушност дело на Костадин Танчев-Динка. Македонски олимписки комитет, Кинотека, Културно-информативен центар, „Култура“, Царина, Грбот на Битола…
За мене како професор најголема и најважна работа е што денес моите студенти се подобри од мене, ме надминаа. Нема поголемо задоволство од тоа – вели големиот уметник, пионер на графиката и графичкиот дизајн кај нас, Костадин Танчев-Динка. Тој заедно со уште седуммина врвни професионалци во различни општествени дејности, ќе биде учесник на првата конференција „Чувари на мудроста“, што в петок, на 31 март, со почеток во 11.30 часот, ќе се одржи во малата сала на Филхармонијата во Скопје, а ја организира Халкбанк. За публиката оваа конференција е од отворен тип, а ќе може да слушне интересни непта од големото искуство на учесниците.

Каков е денес графичкиот дизајн, што сè е всушност графички дизајн, колку технологијата ја помага оваа уметност и на уште многу теми разговараме со авторот на стотици логоа, постери, ликовни дела, сценографии за театарски претстави.
Ништо не чуваме, мислиме дека сè почнува од нас
Ученикот на Љубомир Белогаски, Предраг Маринковиќ-Пенкин, Драгутин Аврамовски-Гуте, по завршувањето на Училиштето за применета уметност во Скопје, одлучил да продолжи на Академијата за применета уметност во Белград, кај проф. Милош Ќириќ, професор што му помогнал да се формира како прв уметник во Македонија со свој пристап во графичкиот дизајн и визуелните комуникации.

– Ќириќ беше божествен, посебен професор. Неодамна во Србија му одбележаа голем јубилеј и ми се навратија многу убави спомени од годините поминати во Белград и времето поминато со него. Нема да сокријам дека емотивно ме врати назад ТВ-прилогот што го проследив. Денес кај нас немаме таков однос кон доајените, кон првите. Ги заборавивме. Ние како држава не знаеме да ги следиме работите во континуитет, немаме ништо сочувано како архива. Сите негативи на „Нова Македонија“ ги фрлија во Дрисла, сите плакати што ги сработив, исто така. Во околината сите ги дигитализираат тие вредности, ние многу малку – вели Танчев.
Уште додека студирал многу работел, создавал, учествувал на секакви повици, конкурси на кои победувале најдобрите решенија. За ентузијазмот и времето во кое работеле, тој вели:
– Ние живеевме за уметноста, не од уметноста. Ние работевме друго за плата – за да уживаме во уметноста. Денес не е атрактивно да се прават работи без пари. Јас 20 години го предавав предметот графички дизајн на Факултетот за ликовна уметност, зашто знаев колку важен ќе стане графичкиот дизајн. Неодамна имав дијалог со еден млад човек, кој ми тврдеше дека парата е сè. Јас му велам: Со пари може да купиш куќа, ама не и дом. Со пари ќе купиш храна, а не и апетит, со пари ќе купиш лек, не и здравје… Добро е што го замислив барем – се смее Динка.

„Динка како професор искажа чудесна енергија и решеност македонската графика, дотогаш на ниво на најригидна репродуктивна размисли, да ја воведе во современите текови на југословенската графичка култура“, вели неговиот долгогодишен пријател и соработник, уметникот Владимир Боројевиќ, во монографијата што ја напиша Владимир Величковски.
Ова е најдобрпо време за живеење за еден графички дизајнер
Според Динка, најважен е индивидуалниот пристап во наставата, кога може со секој студент да разговара и да се фокусира на конкретна работа за која самиот студент има преференција.
– Јас отсекогаш сум бил поборник за индивидуална настава, а помалку за амфитеатралното обраќање, посебно денес како што предаваат – со компјутер и Пауер поинт-презентација. Многу е важно за личноста со која работите, да откриете што му лежи, да знаете што сака, за што е добра, што го интересира. Со Атанас Ботев на пример, разговарам за цртеж, зашто знам дека тоа го интересира, со Марија Ветерова – и за типографија и за сценографија. Образованието денес е сведено на тоа да се бега од класичниот приод на нештата. Во графиката и во уметноста, не треба да се напушти хартијата. Прво треба таа да се совлада, а потоа лесно ќе го ставиме во лаптоп – вели професорот.

Тој го сака чистиот дизајн со геометриска нота. Баухаус. Некогаш, за да создадат едно дело, многу оделе пеш. Денес технологијата многу го помага графичкиот дизајн.
– Ова е најдобро време за живеење за еден графички дизајнер. Затоа што добивате на време, порано се движевме пеш. Пред години направив експеримент со едно дело. Една недела ми требаше да направам графички подготовки до печатење. Истото тоа на компјутер, со мојата маленкост и минимално познавање на компјутерите, го направив за 4 часа. Технологијата многу помага и тоа треба да се искористи. Но, младите да не мислат дека само затоа што завршиле курс од три месеци за графички дизајн или некоја од програмите, дека веднаш стануваат дизајнери. Графичкиот дизајн е многу широк поим, а сè околу нас е графички дизајн – вели Танчев.

Според него, денес имаме многу добри автори, ама повеќето работат надвор. Во земјава се малку.
– Забележувам една тенденција, особено кај маркетинг агенциите во кои работат графички дизајнери, дека секаде се форсира тимското работење. Еден уметник прави некое дело, лого и слично, а потписот е на агенцијата, нема имиња. Нема индивидуалност и тоа не е добро. Кога работев во Културно-информативниот центар во Скопје, прв поголем проект ми беше да изработам лого за Шаховска олимпијада во 1972 година. Јас стоев со име и презиме, ако бев вработен во таа институција. Наградата беше моја, не на институцијата. За жал, индивидуалноста ќе ја нема, ќе се стопи – вели Танчев.
Стереотипно е да не го прифатите времето
Тој посочува и друга многу важна „аномалија“ на денешното општество и пристапот на новите генерации кон одредена област или наука.

– Најголем пропуст е што децата и младите денес не читаат. Не може некој да се занимава со филм, а да не го знае Бергман, Фелини, не може да биде уметник да не го знае Бетовен, Моцарт, не може да биде писател без да го знае Достоевски. Не почнало сè од нас, мора да излеземе од таа матрица. Младите денес се под големо влијание на визуелното, на телефоните, на брзината. Точно знам зошто се трча по брендови, зашто тоа им е наметнато и тие се бомбардирани од сите страни да создаваат навики што не се изворно нивни. Но, нови времиња, нивна иконографија. Стереотипно е да не го прифатите времето – дециден е тој.
Горд е на своето творештво, а една од работите во чие создавање учествувал на што е посебно горд е основањето на Графичката работилница „Софија“ во Богданци, која работи со највисоки стандарди и пошироко во регионот повеќе од 15 години.
Малкумина знаат дека многу логоа што и до ден-денес институции или фирми ги користат, се всушност дело на Костадин Танчев-Динка. Македонски олимписки комитет, Кинотека на Македонија, Културно-информативен центар, издавачката куќа „Култура“, Царина, Грбот на Битола и редица други. Тој бил еден од основачите на младинскиот неделен весник „Фокус“, ориентиран кон слободната критичка мисла, а бил ликовен и графички уредник од првиот броеви до осмиот број, пишува Величковски во монографијата што ја издаде Националната галерија во чест на ретроспективната изложба на Динка во 2019 година.

Прво лого во 1965 година
Своето прво лого го направил било во далечната 1965 година за Филмска радна заедница и одело пред секој филм. Во тој период работел со режисерот Миќа Поповиќ на филмот „Хасанагиница“ и филмот „Чекори низ маглата“ на Жорж Скригин. На Пулскиот филмски фестивал неколку години бил одговорен за постерите и визуелниот дизајн.
– Денес не е важно кој го прави дизајнот, но важно е кој го одобрува. Со моите одбиени дела, логоа, сум правел изложби и биле многу успешни. Втора најважна работа е да знаеш да го одбраниш тоа што си го направил и што го предлагаш. Јас секогаш прво самиот избирам што ќе предложам, нема потреба да правам шест примерока. Јас сум тој што го одбира делото пред да го предадам. Затоа можеби имам успех. Јас давам едно решение. Компромис никогаш не сум правел – вели Динка.

Го замоливме да ни објасни врз кој принцип ги создавал логоата, каков му бил пристапот.
– Молив и лист. Пишувам зборови – карактеристики, што ми наидуваат додека мислам за нарачката. Не се консултирав многу со други колеги за мислење. Со мојот внук, графичарот Тони Васиќ се консултираме многу често, додуша тој мене повеќе, ама дискутираме, разменуваме мислење – објаснува професорот.
Танчев многу го сака театарот и се посветил и на театарската уметност. Многу постери и сценографии за театарски претстави се негово дело. Се потсетува на сценографијата што ја направил за изведбата на балетот „Лабин и Дојрана“ во Дојран, кога направил конструкција над езерото. За делото „Трба трби“ на Тома Прошев целата сценографија ја кренал на чиги, а негова била сценографијата и на „Дубровачка легенда“ на отворено на Страдун во Дубровник.

– Многу одев во театар, немаше претстава што сум ја пропуштил. И сите многу се дружевме, се поддржувавме. Сите живееја за да се случи нешто. Жално ми денес што на изложби не гледам уметници, колегите меѓу себе не си се почитуваат, не пак да има соработка со другите уметност – вели тој.
За себе вели дека е и сликар и дизајнер.
– Можеби требаше да се посветам само на едно. Ама не можам јас да се држам строго до нешто стилско, мене тоа ми делува како манир. Да почнувам денес одново, би го направил истото – завршува Динка.





