„Координати на еден сон…“ Изложба за МСУ од 1964 година до денес

Во Музејот на современата уметност во Скопје вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена изложбата „Координати на еден сон: 60 години проектирање современост МСУ Скопје 1964 – 2024“. Изложбата е дел одбележувањето на шесетгодишнината од основањето МСУ кое ќе продолжи во текот на целата 2024 година со повеќе значајни настани, изложби и предавања, работилници. Куратори се Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец.

– Во услови кога светот се соочува со драматичен развој, во современост во која постои опасност знаењето да се отфрла за сметка на вештините, а создавањето да биде засенето од сеопшта деструкција, не смееме да заборавиме на исклучителната важност на свесноста за историјата. Тоа е и одбрана на идејата за дејствување во едно широко компаративно поле на постојано критичко преиспитување на методите и критериумите, неопходно за ориентирањето во сегашноста и проектирањето на иднината. Веројатно затоа е неизбежно да се навраќаме на најбазичните прашања, за институционалната форма и општествената улога на културата, за архивите и документите наспроти фикционализација на стварноста – велат кураторите.

Во годината кога се одбележува шеесетгодишнината од формирањето на МСУ, една од најзначајните национални институции во областа на културата и препознатлив симбол на светската солидарност, кураторите ги лоцираат значајните координати на еден сон кој стана опиплива реалност на еден процес на континуирано проектирање на современоста.

– Годинашниот јубилеј одново нè потсетува дека Музејот преку заложбите и напорите на иницијативниот одбор и првиот директор проф. д-р Борис Петковски (1964-1976) и Соња Абаџиева Димитрова (1977-1984) станува важен дел од локалната и глобалната културната историја, а следните генерации продолжуваат во изградбата на траен споменик на творештвото на над 1900 уметници – донатори од 70 земји од светот, кои по земјотресот од 26 јули 1963 година со своите донации на уметнички дела и со чинот на солидарноста, го почестија градот Скопје и граѓаните на целата земја – велат тие.

Во текот на својата историја, стручниот тим на МСУ посветено работел на чување, заштитa, презентација и проучување на сите тие бројните донации на уметнички дела, на целата документација поврзана со нив, но и на историскиот контекст, создавајќи ја историографијата на современата уметност која резултира со богата и вредна библиографија. Примарната цел на музејот, е и воедно да поттикнува и презентира најнови современи уметнички тенденции, а притоа историјата на сите овие напори е неразделно врзана со развојот на музеологијата, графичкиот и изложбениот дизајн, или најопшто сфатени како важни сегменти во мултидимензионалната историја на визуелната култура.

За тоа, покрај исклучителното значење на уметниците и кураторите, заслужни се бројни автори кои придонеле во дефинирање на визуелниот идентитет на МСУ како Драгутин Аврамовски-Гуте, Димитар Малиданов, Стефан Георгиевски, Јован Шумковски, Ладислав Цветковски, Михајло Мотески, Илиана Петрушевска, Неда Фирфова и други. Низ богатата изложбена историја на Музејот која опфаќа стотици самостојни и групни изложби на домашни и странски уметници, неизоставен дел се изложбите „Млада генерација“ од 1967 година кои прераснуваат во „Биеналето на млади“ (1987-денес), едукативната и филмската програма, богатата издавачка дејност, која опфаќа монографски публикации, како и списанието за современа уметност, култура и теорија, од првиот до најновиот број.

На изложбата покрај прегледот на визуелниот и документарен материјал, плакати, публикации, ќе биде претставен избор од делата од колекцијата на МСУ, меѓу кои и на Марино Тартаља, Ханс Хартунг, Александар Калдер, Петар Лубарда, Душан Оташевиќ, Петар Хаџи Бошков, Јордан Грабул, Анета Светиева, Малгоржата Потоцка, Јован Шумковски, Христина Иваноска, Что Делат.

Изложбата е хронологија на настаните од 1963 година, преку формирањето на институцијата во 1964 година, изградбата и отворањето на Музејот во 1970 година, па до најактуелните изложби како меѓународната изложба „Сѐ што ни е заедничко“ и самостојните изложби на светски уметници.

– Таа е само еден обид, преку мапирање на бројните настани и нивниот визуелен комуникациски аспект, да се даде поттик во размислувањата за важноста на МСУ во процесот на проектирање и оформување на сликата за современоста – велат кураторите.

Изложбата ќе биде отворена до 21 мај.

Сподели