Конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ продолжен до 14 јуни

До 14 јуни е продолжен е рокот на конкурсот за поетската награда „Млада Струга“ 2024, одлучи Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. На повикот може да се пријават младите автори дебитанти. Од годинава, наградата ја доделува СВП во соработка со Јуроп хаус Струга и со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Наградата „Mлада Струга“ се доделува за најдобра необјавена поетска збирка од млад автор-дебитант. Авторот не смее да биде помлад од 18 години, односно постар од 30 години заклучно со денот на крајниот рок на конкурсот и мора да биде макеоднски државјанин. На конкурсот пријава може да поднесе исклучиво авторот. Еден автор може да учествува само со една необјавена поетска збирка.

– Целта на наградата „Млада Струга“ е да го поттикне поетското творештво како највисока форма на јазичен израз, коешто разбирливо, најавтентично може да се постигне кога се пишува на мајчин јазик. Сите автори што ги исполнуваат критериумите можат да се пријават со необјавени поетски збирки на нивниот мајчин јазик, а ако тоа не е македонски јазик, потребно е да испратат и 7 песни во превод на македонски јазик заедно со останатите материјали наведени во условите на конкурсот – велат од СВП.

Поттикнувањето на културната разновидност и создавање на еднакви можности за сите граѓани е една од темелните вредности и на Европската Унија под чие покровителство е и наградата „Млада Струга“, преку Јуроп хаус.

Сподели