Културниот и информативен центар – Битола објави конкурс за 14 нови композиции за потребите на фестивалот на битолската серенада „Ех таа серенада“. Композициите треба се во согласност со досегашните принципи на компонирање на музика и пишување на текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз. Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма. Музичките дела да се испратат како демо снимка во mp3 формат, аплициран текст, и/или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди на нашата електронска адреса serenadakicbt@gmail.com.
Конкурсот ќе биде отворен до 31 март . За изборот на композициите неприкосновено право при селектирањето и изборот на делата има комисијата назначена од КИЦ Битола. Избраните музички дела ќе бидат хонорирани со 12.000 денари за текст, 12.000 денари за музика и 12.000 денари аранжман. Изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари.
Во корист на квалитетот на фестивалот, организаторот има право да нарача одреден број композиции кај докажани автори и ја задржува целосната контрола врз аранжманите, поради тоа што музичкиот настан ќе се изведува во живо со оркестар, со професионални музичари кои имаат искуство и знаење да одговорат на предизвикот.
Фестивалот “Ех таа серенада” ќе се одржи во Офицерски дом – Битола (плато) во рамките на Бит Фест 2023.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до 15 април.





