Конкурс за илустрација на фестивалот „Литера“

„Свет со љубов“ е темата на конкурсот за авторски илустрации што го објави Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“. Сите заинтересирани илустратори може да се пријават со не помалку од 2, а не повеќе од 5 авторски дела – илустрации за деца. Конкурсот е отворен до 30 април.

– Од пристигнатите дела ќе бидат избрани петмина илустратори. Тие заедно со повеќе реномирани илустратори од регионот ќе учествуваат на годинашното петто издание на фестивалот „Литера“ што ќе се одржи во мај во Музејот на современата уметност во Скопје. Изложбата наесен ќе патува и во Загреб, во македонскиот Културно-информативен центар – велат од „Литера“.

Сите заинтересирани автори своите дела со куса биографија (на една страница) да ги пријават на имејл адресата: litera.festival@gmail.com со назнака: За конкурсот на „Литера“. Селекцијата ќе ја прави комисија, а победниците ќе бидат соопштени најдоцна до 8 мај.

Фестивалот „Литера“ минатата година прв пат организираше изложба на македонска современа илустрација, во рамките на фестивалот на детска сликовница „Овца во кутија“, што се одржа во истарскиот град Пазин. Изложбата доби одличен одѕив и одушевување на публиката и критиката. Фестивалот и во своето петто издание годинава ќе понуди богата програма фокусирана на илустрацијата и литературата за деца.