На панелот „Од буква до приказна“ во 13 часот ќе учествува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, а претходно, во 11.15 часот таа ќе се дружи со децата гости на фестивалот и во „Литера читалница“ ќе им чита сликовници по свој избор
Каде е позиционирана македонската современа сликовница денес? Кои се најголемите предизвици на илустраторите, кои на писателите, кои пак на издавачите? Ова се само дел од прашањата што ќе бидат отворени на конференцијата „Македонска современа сликовница“ што ќе се одржи денеска со почеток во 12 часот во Музејот на град Скопје, како настан во фокус на 5. издание на Меѓународниот фестивал на литература и илустрација за деца „Литера 2023“.
На конференцијата во два панела ќе дебатираат писатели, уметници, илустратори, издавачи. На вториот панел наречен „Од буква до приказна“ од 13 часот, ќе гостува и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Претходно, министерката ќе биде дел од фестивалот и во програмата „Читаме сликовници со…“, кога по нејзин избор на деца гости на „Литера“ ќе им чита сликовница.
На панелот „Од точка до илустрација“ ќе зборуваат: Димче Исаиловски, Славица Јанешлиева, Софија Семенпеева, Николина Манојловиќ, а модератор е Марија Ветероска.
На тој панел ќе учествуваат и Бојан Саздов, Бистра Георгиева и Ника Гавровска, а модератор ќе биде Сребра Ѓорѓијевска.
Програмата на „Литера 2023“ продолжува денеска во 10.30 часот со работилница за илустрација под менторство на Доминик Вуковиќ. Од 12 часот почнува работилницата за деца „Создаваме приказни за свет со љубов“ со Ана Голејшка-Џикова.
Во 17 часот почнува работилницата „Направи сликовница“ со Бранка Холингсворт-Нара, а еден час подоцна ќе бидат промовирани сликовниците „Бакнежот на пролетта“ од писателката Елизабета Баковска, со илустрации на Катерина Соколова и „Ѕуница“ на Бранислав Николов и Иванка Ниба.





