Концерт на „Св. Злата Мегленска“ во Музејот на македонската борба

Во Музејот на македонската борба вечерва во 20.30 часот, женски камерен хор „Св. Злата Мегленска“ ќе го одржи концертот „Глорија концерт за душа“ – Антонио Вивалди. Концертот се одржува во рамките на 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“, а диригент е Летка Димовска-Полизова. Солисти се Надежда Рубен и Јасмина Димитровска.

Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ од Скопје е формиран во 1996 година при Македонската Православна Црква. Основач, диригент и уметнички раководител на хорот е академскиот музичар Летка Димовска-Полизова. Хорот е составен од 22 женски вокали, кои повеќето се млади академски образовани музичари и студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите државни универзитети во Македонија. Иако волонтери според ангажманот, тие со својот професионален однос придонесуваат за афирмација на македонската културна традиција.

„Св. Злата Мегленска“ преку своето 27-годишно континуирано работење, стана хорски расадник и културен храм, каде со огромна љубов и посветеност ги стави сите хорски жанрови во функција на афирмирање на домашните автори, композитори и аранжери. Но, приоритетен предизвик е афирмирање на првичните пројавувања на младите академски музичари, соло пејачи и вљубеници во хорската музика.

Насловна фотографија (Архива)

Сподели