Пишува: Љубица Ангелкова
Одам само на концерти на уметници, за кои знам дека ќе останат во сеќавање долго по бледеењето на последната нота и аплауз. Заклучив дека изгубеното време по секоја цена да се оди на секој фаворизиран концерт е трошење време и енергија и посебно измачувачки се тие муабетења по истите концерти, со случајни ликови кои ги понела атмосферата.
А таа селекција на концерти низ годините ја правам со многу слушање, читање и со тешка работа на себеси. Концерти има многу, вистински уметници се малку. Еден таков редок настан ѝ се случи на Битола, завчеравечер.
Фестивалот „Битфест“, кога ја најави програмата пред некоја недела…искрено пријатно ме изненади со пар точки низ неа. Па така, вчерашната дата ми стоеше во календарот како празник.
Донесе два музички титани на една сцена. Битола беше домаќин на ретко и длабоко лично музичко искуство за вистинските познавачи на музичката уметност. Двајца извонредни уметници во градот од кои едниот никогаш, а другиот одамна (не) го нарекувале дом.
За мене завчера не беше само концерт, туку своевидно враќање „дома”, во Битола како светска концертна сцена, зашто од Лајбах наваму, немам такво искуство повеќе… бидејќи имав шанса да посведочам на сјајот на генијалниот Матија Дедиќ и кларинетистот со светска слава Горан Бојчевски, кој се врати дома, по 20 години.
Матија Дедиќ го следам со години, фантастичен џез пијанист што првпат имав шанса да го слушам и гледам во живо на Скопскиот џез фестивал пред повеќе години. И гледај чудо, сега настапува во мојот град!
Иницијативата за овој концерт е на Горан Бојчевски – дете растено на битолскиот асфалт, одамна заминат по белиот свет да учи музика од најдобрите.
Концертот насловен Balkan Nuevo, очекувано беше прослава на богатите музички традиции на Балканот, реобмислени и ревитализирани низ објективите на џезот и класичната фузија на двајцата врвни музичари.
И додека траеше уживањето во таа фузија, размислував за Матија Дедиќ, роден во сенката на две музички легенди во 1970-тите, Арсен Дедиќ и Габи Новак како негови родители. Да, музички гени носи, но да се порасте во ѕвезда сама по себе, покрај толку познати и славни родители може да биде и хендикеп и страв од неуспех. Додека седеше зад клавирот, не можев, а да не размислувам за тоа колку голем товар имаат таквите деца и колку далеку треба да стигнат за да направат нешто свое уникатно, негово… Матија во тоа успеа, неговата музика и неговиот талент еволуирале во нешто толку уникатно негово. Неговото свирење е чиста поезија, секоја нота е избран збор, а секоја пауза намерна тишина. Има нешто длабоко човечко во начинот на кој Матија Дедиќ му пристапува на клавирот, нешто што зборува за тивкото, но моќно влијание на неговите родители, но сепак… клавирот со звукот кој го проудицира е само негов.
Како што првите деликатни ноти го исполнуваа воздухот, ме вратија на таа вечер во Скопје на големиот Скопски џез фестивал, но овојпат се чувствував поинаку – поинтимно, поповрзано. Овде во Битола, под небото што и мене ме чуваше како дете, доаѓаат двајца светски музичари кои имаат за цел овој град да слушне музика што ја слуша светот.
Горан Бојчевски, со многу емоции пред публиката означи враќање дома. Човекот кој учеше кларинет на Музичката академија Mozarteum во Салцбург. Професорот Алоис Брандхофер беше неговиот ментор, човек кој беше главен кларинетист на Виенската и Берлинската Филхармонија. И да не набројувам повеќе, сметам дека доволно е кажано.
Роден во Битола, Бојчевски ги помина последните дваесет години градејќи извонредна кариера низ Европа, спојувајќи ги богатите музички традиции на Балканот со прецизноста и иновативноста на класичната музика. Неговиот кларинет не е само инструмент, туку глас – глас што ги раскажува приказните за земјата што не ја заборавил, за корените што растат длабоко дури и кога гранките се протегаат далеку.
Враќањето на Бојчевски во Битола не беше ништо помалку од триумфално. Човекот кој некогаш растел во Битола, заминува да учи во светот, настапува на некои од најпрестижните места за концертирање, носејќи ги со себе звуците на Македонија и внесувајќи им нов живот. Неговиот кларинет и тој стаклен кавал кој ме фасцинира во вториот дел од концертот, изгледаше како да пее со радоста на обединувањето, секоја нота го славеше и неговото патување и неговото враќање. Тоа го почувствува и публиката, постоеше колективно чувство на гордост, на добредојде дома на некој од неговите блиски, кои ја знаат како таа битолска суштина, се носи со себе каде и да одиш. Имаше гости кои допатуваа од Словенија и Шпанија во публиката, токму за овој концерт. Да, се патува за добри концерти. И во Битола, ако има да понуди врвна програма.
Во придружба на Дедиќ и Бојчевски беа Јака Крушиќ на контрабас и Грегор Хорват на тапани. И двајцата донесоа динамичен ритамски дел кој ги донесе етеричните мелодии на вечерта, низ звучни подтонови како дискретен мастерклас на суптилност и моќ на пратечки инструменти.
Заедно, овие четворица музичари во Офицерски дом кој има комплицирана акустика за озвучен состав, создадоа музичко искуство кое беше и длабоко и лично. За мене, а замислувам и за многу други во публиката, тоа беше повеќе од концерт, тоа беше потсетник на врските што нè поврзуваат на овие пошироки простори, на места и сеќавања со музиката што ги носи тие спомени назад низ познати ритми… или напред низ музичка импровизација.
Овој концерт направи да се чувствувам комплетно, беше како подарок за една поинаква Битола и за сите нас кои овој град сакаме да го нарекуваме дом во кој ќе царува врвната уметност, иако сме бескрајно опкружени со просечност, комерцијализација на културата и… бескрајно многу кич. Нели е тажна оваа констатација?
Матија Дедиќ и Горан Бојчевски ќе отпатуваат далеку по светот уште денес …. Им благодарам што беа ДОМА – а дома е местото за мене со вистинска уметност….и сите нас во салата вчера тие не донесоа ДОМА со нив. Им се поклонувам!