Концертот „Џез лектира“ на Националниот џез оркестар во Велес

Националниот џез оркестар ќе го изведе концертот „Џез лектира“ утревечер во 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес. Тие ќе се осврнат на дел од творештвото на Каунт Бејзи биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејзи е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година го формира оркестарот „Каунт Бејзи“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично.

Концерт претставува навраќање на биг бенд ерата, позната и како ера на свингот. Овој период е значаен во музичката историја во кој популарната музика во САД доживува своевидна трансформација. Големи ансамбли, пишани аранжмани кои се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера која го доживува својот врв во периодот од 30-тите до средината на 40-тите години нa 20-тиот век.

Во тој период се истакнува една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката во тој период, Меѓу најважните имиња во биг бенд ерата се вбројуваат Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер, и секако Каунт Бејзи.

Сподели